Skip to content

Животот сѐ поскап: На семејство му требаат над 66.000 денари месечно

0 мин. читање
Сподели

Минималните месечни трошоци за живот на едно четиричлено семејство во Македонија во јануари 2026 година изнесувале 66.413 денари, што претставува зголемување од 921 денар во споредба со декември, покажуваат најновите податоци на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Доколку семејството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, минималните трошоци драстично растат и достигнуваат 81.788 денари месечно, што за огромен број граѓани е недостижна сума со сегашните примања.

Храната и режиите најголем товар

Од вкупните минимални месечни трошоци, 24.211 денари се потребни само за храна и пијалоци, додека за основни режиски трошоци – струја, вода, греење, комуникации и одржување – биле потребни 6.338 денари.

Овие бројки, според синдикатите, јасно покажуваат дека и најосновните потреби стануваат сѐ потешко достижни за семејствата, особено за оние кои живеат од минимална или просечна плата.

Минималецот не ги покрива основните потреби

ССМ предупредува дека сегашната минимална плата не ги покрива ниту половина од реалните животни трошоци, поради што бара нејзино зголемување на 600 евра, како и раст на сите останати плати во државата.

„Минималната плата мора да обезбеди достоинствен живот, а не преживување. Денешните трошоци покажуваат дека граѓаните се притиснати меѓу ниски плати и постојано поскапување“, порачуваат од ССМ.

Најава за протести

Поради континуираниот раст на трошоците за живот и отсуството на соодветна реакција од институциите, ССМ најавува протести во наредниот период, доколку не се преземат конкретни чекори за заштита на животниот стандард на работниците.

Синдикатите бараат итни мерки, социјален дијалог и политики кои ќе ги следат реалните економски услови, а не статистичките просеци.