Skip to content

Нема повеќе ДДВ-ослободување за пратки под 22 евра – удар за онлајн купувачите

0 мин. читање
Сподели

Комисијата за финансирање и буџет денес ќе расправа за измените на Законот за данок на додадена вредност (ДДВ), со кои се укинува досегашното ослободување од ДДВ за мали пратки со вредност под 22 евра.

Со предложената измена, ќе се избрише членот што овозможуваше физичките лица да примаат пратки од странство без да платат ДДВ, доколку нивната вкупна вредност не ја надминуваше оваа сума. Наместо тоа, ослободување ќе важи само за пратки од некомерцијален карактер, испратени од физичко лице на физичко лице, и тоа до 22 евра – при што исклучок ќе бидат алкохол, парфеми, тутун и нивни производи.

Според сегашната регулатива, граѓаните не плаќаат увозни давачки и ДДВ за пратки до 22 евра, вклучувајќи ги транспортните и манипулативните трошоци. Но, со новите измени, ова правило ќе престане да важи за пратки од компании и онлајн продавници.

Новата регулатива ќе има директно влијание врз купувачите кои редовно нарачуваат од платформи како „Тему“, „Али експрес“, „Шеин“ и други, бидејќи секоја пратка, без разлика на нејзината вредност, ќе подлежи на даночна обврска.