Skip to content

Мицкоски за останките на цар Самуил го спомна Бледскиот договор – но моштите на Делчев стигнаа во Скопје година пред Блед

1 мин. читање
Сподели
Мицкоски за останките на цар Самуил го спомна Бледскиот договор – но моштите на Делчев стигнаа во Скопје година пред Блед

На 3 октомври Музејот на византиската култура во Солун му ги предаде на бугарскиот премиер Румен Радев посмртните останки што се идентификуваат со цар Самуил. Во Софија поворката беше пречекана на плоштадот „Батенберг“, со химна и почесен поздрав од 21 топ. За возврат, Бугарија ѝ предава на Грција 48 предмети, главно црковни прибори од неколку манастири во Егејска Македонија, кои според бугарската страна биле „спасени“ од бугарски научници за време на Првата светска војна.

Новинарите го прашаа премиерот Христијан Мицкоски дали ваквиот потег ќе има импликации врз односите на Македонија со Грција и со Бугарија. Тој одговори со историја: прашањето треба да се гледа „низ призма на Бледскиот договор“, постигнат по капитулацијата на „фашистичка Бугарија, којашто ја има, би рекол, окупирано за време на Втората светска војна територијата на денешна Македонија“.

„Што се однесува до пренесувањето на моштите, јас би се вратил назад неколку децении кога моштите на македонскиот великан Делчев, како резултат на тој Бледски договор, се донесени во Скопје“, рече Мицкоски.

Проблемот со календарот

Посмртните останки на Гоце Делчев се донесени во Скопје во октомври 1946 година. Бледскиот договор меѓу Јосип Броз Тито и Георги Димитров е потпишан во 1947 година. Значи, моштите стигнаа година пред договорот што, според премиерот, ги донел. Грешката веднаш ја забележаа бугарските медиуми, а најнепријатно е кога за Делчев те поправаат од Софија.

Има и втор слој. Наместо да каже што Скопје мисли за чинот меѓу Атина и Софија, премиерот се осврна на „администрирањето“ – зборот што поранешниот премиер Зоран Заев го употреби во интервју за бугарска агенција во ноември 2020 – и на опозицијата, која според него има „свои кукли“ и „си ги раководи“. Прашањето беше за Грција и Бугарија. Одговорот заврши кај СДСМ.

Мицкоски изрази жалење што „малкумина денеска го споменуваат Бледскиот договор“. Можеби е така. Но ако се повикуваш на историјата во ден кога соседите ја пишуваат пред камерите, датумите се најмалото што треба да ти биде точно. Дали Скопје има став за самиот трансфер – или само за Блед?