Skip to content

„Плаќање за услуги на Балканот“: Додик без санкции, гасоводот во БиХ кај фирма на луѓе блиски до Трамп

1 мин. читање
Сподели
„Плаќање за услуги на Балканот“: Додик без санкции, гасоводот во БиХ кај фирма на луѓе блиски до Трамп

Во октомври 2025 година администрацијата на Доналд Трамп ги укина санкциите на Милорад Додик, лидерот на босанските Срби кој со години е обвинуван за поткопување на Дејтонскиот договор. Шест месеци подоцна, Додик, чија партија има право на вето во парламентот на БиХ, порача дека нема да го блокира гасоводот „Јужна интерконекција“ – проект на кој долго му се противеше. Помеѓу тие два чекора стои мала американска фирма поврзана со луѓе блиски до Трамп.

Фирмата се вика AAFS Infrastructure & Energy, а ја водат Џеси Бинал, поранешен адвокат на Трамп, и Џозеф Флин, брат на Трамповиот сојузник, генералот Мајкл Флин. Основана е на 24 ноември 2025 година во Вајоминг – четири дена откако американската амбасада во Сараево објави прелиминарен договор „американска компанија да го развива, гради и управува гасоводот“. Според CBS News, фирмата нема докажано искуство во слични енергетски проекти. Во април, со закон изгласан во парламентот на БиХ, доби статус на главен инвеститор и оператор.

100.000 долари за Флин

Документите за регистрација на странски агенти покажуваат дека Мајкл Флин, поранешниот советник за национална безбедност на Трамп, последен пат работел како платен лобист за Република Српска токму во октомври 2025 година – месецот кога санкциите паднаа. За таа работа добил 100.000 долари од RRB Strategies, лобистичката фирма на Род Благојевиќ. Благојевиќ е поранешен гувернер на Илиноис, осуден во 2011 година по 18 точки за корупција, кој одлежал речиси осум години во федерален затвор, а минатата година Трамп го помилува.

Демократите во Претставничкиот дом минатиот месец објавија извештај со наслов „Плаќање за услуги на Балканот“. Тврдат дека двете одлуки – укинувањето на санкциите и Додиковото „да“ за гасоводот – се директно поврзани и дека администрацијата го искористила своето дипломатско влијание за концесијата да заврши кај AAFS.

Катастрофа – каква?

Белата куќа одби да го коментира гасоводот. Еден неименуван функционер на администрацијата за CBS News изјавил дека санкциите се укинати за да се спречи нестабилност на Балканот: „Ова е уште еден пример за прагматичната и далекувидна надворешна политика на претседателот Трамп, која спречи катастрофи во долгогодишни прашања во кои неговите претходници толку често грешеа“. Каква катастрофа е спречена – не објаснил.

Додик, пак, не крие на кого му должи. Во неделата, откако неговата партија освои едно од трите места во Претседателството на БиХ, им порача на приврзаниците: „Да не беше величествената победа на Доналд Трамп, денес веројатно ќе бевме политички мртовци“. Во тој говор му заблагодари и на Владимир Путин за поддршката.

Самиот гасовод, вреден околу 1,7 милијарди долари според хрватската влада, не е лош проект. Би ја поврзал БиХ со хрватската гасна мрежа, би овозможил увоз на течен природен гас и би ја намалил зависноста од рускиот гас. Токму затоа прашањето е толку непријатно: кога стратешка цевка за цела држава оди кај фирма стара неколку месеци, без искуство, но со вистинските презимиња – дали е тоа енергетска безбедност или наплата на услуга? Балканот ваквите зделки ги препознава од далеку.