Skip to content

Два часа паузи, нула прашања до Владата: Гаши сега ветува дека во среда паузите нема да го јадат времето на опозицијата

0 мин. читање
Сподели
Два часа паузи, нула прашања до Владата: Гаши сега ветува дека во среда паузите нема да го јадат времето на опозицијата

На 12 ноември опозицијата имаше два часа да ги испрашува премиерот и министрите. Ги искористи нула минути. Двата часа ги изедоа паузите.

Првата едночасовна пауза ја побара координаторката на пратеничката група на ДУИ, Рина Ајдари, со образложение дека во салата недостасуваат министри што треба да одговараат. Кога таа заврши, нова едночасовна пауза побара пратеникот на владејачкиот ЗНАМ, Даниел Стојчески. По втората пауза, претседателот на Собранието Африм Гаши констатираше дека двата часа за опозициски прашања истекле. Следуваа довикувања, навреди и процедурални забелешки, а седницата заврши без ниту едно поставено прашање.

Ново толкување, по стара штета

Четири дена подоцна, Гаши најави нов обид, за среда, 18 ноември. Овојпат, по договор со координаторите на пратеничките групи, паузите нема да се одземаат од двата часа. „Паузи нема да има, освен ако не се суштински. Ќе има два часа ефективни прашања“, рече тој.

Сепак, Гаши и понатаму смета дека неговото претходно толкување на Деловникот било правилно: двочасовниот период почнува по утврдувањето на дневниот ред, без оглед на паузите, бидејќи министрите го планираат доаѓањето според однапред определен термин. Тој тврди и дека присуството на министрите значително се подобрило, дека речиси сите доаѓаат на опозициските прашања и дека ги опоменувал, но дека неговите можности се ограничени.

Ако министрите речиси сите доаѓаат, зошто првата пауза беше побарана токму поради нивното отсуство? И ако правилото било исправно, зошто сега се менува?

Ветувањата на Гаши имаат историја

На брифингот Гаши повторно најави разговори меѓу власта и опозицијата за Бадентерово мнозинство за закочените закони, со приоритет на законот за соодветна и правична застапеност. Тој закон ја помина целата процедура, но на гласањето мнозинството имаше само 14 гласа од пратеници од немнозинските заедници, наспроти 18 опозициски пратеници од тие заедници, предводени од ДУИ. Средба меѓу лидерите на владејачките партии и Али Ахмети „сè уште не се случила“, рече Гаши, додавајќи: „Јас лично немам проблем да се сретнам со Ахмети“.

Во август Гаши ги нарече блокадите „злоупотреба“ и вети дека законите ќе дојдат на гласање во септември. Во септември рече „наскоро“. Сега е средина на ноември, а во фиоките, покрај законот за застапеност, стојат и измените на Законот за локална самоуправа за референдуми за смена на градоначалници, законот за високо образование и десетина закони што треба да се усогласат со Законот за висока раководна служба.

Собранието е место каде што Владата треба да одговара. Кога два часа контрола исчезнуваат во паузи, а законите месеци стојат на чекање, прашањето е едноставно: дали во среда ќе слушнеме одговори, или само ново толкување?