Skip to content

Пратеник: 51 милион евра пензиски придонеси не се префрлени во вториот столб, а институциите си ја префрлаат одговорноста

1 мин. читање
Сподели
Пратеник: 51 милион евра пензиски придонеси не се префрлени во вториот столб, а институциите си ја префрлаат одговорноста

Секој вработен роден по 1 јануари 1967 година дел од пензискиот придонес го штеди во вториот пензиски столб. Тие пари се лична сопственост на членот и се наследуваат. Според пратеникот на СДСМ Јован Митрески, заклучно со 31 октомври 51 милион евра од нив воопшто не стигнале таму каде што треба.

Митрески тоа го изнесе на собраниската седница за пратенички прашања. Според него, станува збор за околу 650.000 членови на вториот столб, вклучувајќи ги пасивните. Тој се повика на ревизорскиот извештај за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, во кој стои дека само за јануари и февруари 2026 година не биле префрлени над 40 милиони евра, односно 2 милијарди и 590 милиони денари. Во текот на годината, тврди тој, долгот редовно се движел меѓу 40 и 57 милиони евра.

Пет дена, според закон

Законот е јасен. Директорот на ПИОМ мора да ги префрли средствата во вториот столб веднаш, а најдоцна пет дена откако придонесите ќе стигнат преку Управата за јавни приходи. „На директорот на Фондот за пензиско приоритет може да му биде сè друго или да исплаќа фактури, тендери и така натаму, ама да не го почитува ова што му е законска обврска“, рече Митрески.

Од претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Ремзи Бајрами, побара одговор дали за состојбата ги известил Министерството за финансии, Владата и Обвинителството. Го критикуваше и што на страницата на агенцијата се објавуваат кампањи за штедење, маички, балони и учество на конференција во Кејптаун, а не информации за долгот.

Секој покажува кон друг

Одговорите личеа на штафета. Министерката за финансии претходно го упатила пратеникот кон раководството на ПИОМ и МАПАС, со образложение дека директорот на Фондот одлучува за приоритетите. Бајрами рече дека повремено доцни исплатата кон вториот столб, но дека законските рокови не се пречекоруваат. Министерот за социјална политика Ѓоко Велковски, пак, рече дека долгот е создаден многу порано.

Ако рокот е пет дена, а долгот според пратеникот со месеци се мери во десетици милиони евра, како тогаш роковите не се пречекоруваат? Вкупниот придонес за пензиско осигурување е 19,9 проценти од бруто-платата, од кои 6 проценти одат во вториот столб. Тоа се пари што секој месец се одбиваат од платата на секој член на вториот столб. Кој ќе им каже на 650.000 луѓе каде стојат нивните пари додека институциите си ја префрлаат одговорноста?