Skip to content

Отчетот на Ѓорѓиевски по една година: 100 нови автобуси без рок за испорака и подземна улица без објавена цена

1 мин. читање
Сподели
Отчетот на Ѓорѓиевски по една година: 100 нови автобуси без рок за испорака и подземна улица без објавена цена

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ја одбележа првата година од мандатот со отчет во МКЦ, со музички настапи и публика составена главно од министри, градоначалници на скопски општини, директори и советници, претежно од ВМРО-ДПМНЕ. За граѓаните имаше и видео на Фејсбук. Списокот на ветувања беше долг. Списокот на рокови и цени, многу пократок.

Долговите, главната бројка

Ѓорѓиевски рече дека при преземањето на функцијата затекнал долг од речиси 300 милиони евра. Во изминатата година, според неговите податоци, тековните обврски на Градот се намалени за 322 милиони денари, а сервисирани се обврски од 743 милиони денари за кредити, експропријации, судски постапки и субвенции. Најголемо намалување има во „Водовод и канализација“, за 1,66 милијарди денари, и во ЈСП, за 634 милиони денари.

Меѓу завршените или речиси завршените проекти ги наведе проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“ до Драчево и мостот меѓу „Љубљанска“ и „Скупи“ во Карпош, двата со рок до крајот на 2026 година, клучката кај Момин Поток и пристапните улици кон мостот „Генерал Михајло Апостолски“, кој веќе неколку години стои изграден, а не води никаде. Пречистителната станица во Трубарево, според него, е реализирана над 40 проценти.

Ветувањата без рок

Големите најави се за подоцна. Прва подземна улица, на булеварот „Македонија“, до крајот на мандатот. Засега без објавена вредност, рок за почеток на изградбата или технички детали. Мост меѓу Ново Лисиче и Маџари, со почеток на градба во 2027 година. Мост и улица меѓу Ѓорче Петров и Сарај, во фаза на проект. 100 нови еколошки автобуси, без наведен рок за испорака. Парк од околу 600.000 квадратни метри на местото на „Вардариште“, по санацијата.

Има и помали, практични најави: две монтажни катни гаражи кај Клиничкиот центар со над 500 паркинг-места, нова противпожарна станица во Аеродром, бесплатен прием на кабаст отпад во „Дрисла“ еднаш неделно и повторно отворање на киното „Милениум“ во 2027 година.

Фонтаната што никогаш не престанала

Градоначалникот се пофали дека повторно профункционирале фонтаните „Лотосов цвет“, „Воин на коњ“, „Филип Втори“ и „Олимпија“. Само што, како што забележаа и медиумите, фонтаната „Воин на коњ“ никогаш не престанала да работи. Можеби некоја година била пуштана подоцна по зимската пауза, но работела секоја година.

Дел од проектите од отчетот се присутни во градските планови со години. Затоа за Скопјани вистинското прашање не е што е најавено, туку кога ќе може да се вози, паркира и шета по тоа. Ако подземната улица навистина ќе биде готова до крајот на мандатот, зошто денес нема ниту цена ниту датум за почеток?