Skip to content

Студентите бараат 200 денари за оброк, Јаневска нуди 147: износ што не ја стигнува ни поскапената храна

1 мин. читање
Сподели
Студентите бараат 200 денари за оброк, Јаневска нуди 147: износ што не ја стигнува ни поскапената храна

Субвенционираниот студентски оброк изнесува 140 денари. Студентите бараат 200. Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека според стапката на инфлација следува зголемување од „само седум денари“, односно до 147.

Законот од 2023 година го крена оброкот од 120 на 140 денари и пропиша износот да се усогласува со инфлацијата по секоја фискална година. Седумте денари одговараат на поскапувањето на храната и безалкохолните пијалаци во 2025 година, кое изнесувало 5,2 проценти. Вкупниот раст на трошоците на живот лани бил 4,1 процент, а рестораните и хотелите поскапеле дури 7,2 проценти. Законот, пак, не кажува кој индекс се користи – па останува МОН јавно да објасни како стигна до 147.

Математиката има и уште еден ред. Храната поскапела 2,9 проценти во 2024 и 5,2 проценти во 2025 година. Ако тоа се примени на 140 денари, само за да се задржи истата куповна моќ, оброкот би требало да е околу 151,5 денари. Со поскапувањата во првите седум месеци од 2026, кога храната била во просек 4,7 проценти поскапа од истиот период лани, бројката оди кон 159. Со други зборови, и со 147 денари студентот за оброк добива помалку отколку пред две години.

Барањето за 200 денари е друга приказна. Тоа веќе не е усогласување со инфлацијата, туку одлука државата да плаќа поголем дел од реалниот трошок за исхрана на студентите. Националното студентско тело уште во септември 2025 бараше 150 денари, токму повикувајќи се на законската обврска.

Наместо одговор на бројката, министерката понуди нова идеја: промена на методологијата по примерот на земјите од регионот. Студентите „да не добиваат пари туку најверојатно некаков тип на ваучер“ со кој би јаделе во одредени ресторани.

Ваучер или пари, суштината е иста: колку чини еден топол оброк денес и колку државата е подготвена да даде за него. Ако формулата во законот не ја стигнува ни инфлацијата на храната, што точно ќе поправи новата методологија – оброкот или бројката во буџетот?