Skip to content

Теарце ја доби првата градинка за 147 деца: парите главно од ЕУ, говорите од Владата

0 мин. читање
Сподели
Теарце ја доби првата градинка за 147 деца: парите главно од ЕУ, говорите од Владата

Општина Теарце по долги години чекање ја доби својата прва градинка. Новиот објект во селото Пршовце има капацитет за 147 деца на возраст до шест години, а за нив засега ќе се грижат 12 вработени, со најава бројот да се зголеми. Од децата, 20 се од македонска националност.

Изградбата чинела нешто над 800.000 евра. Најголемиот дел е обезбеден од Европската комисија преку програмата за претпристапна помош, а Општина Теарце учествувала со 165.000 евра. Објектот има приземје и кат и десет занимални.

На отворањето беа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за социјална политика Ѓоко Велковски, градоначалникот Даут Мемиши и евроамбасадорот Михалис Рокас. Мицкоски ја искористи приликата да потсети дека откако Владата е избрана во јуни 2024 година, „повеќе од половина милијарда евра се реалоцирани од централниот буџет кон општините“, нешто што, според него, „досега во историјата на државата се нема случено“.

Велковски, пак, најави дека до крајот на 2028 година треба да заврши изградбата на 37 градинки и дека повеќе од 3.700 деца ќе добијат место во детската заштита, со што, вели, ќе се надминат листите на чекање во Македонија.

Градинката е добра вест за семејствата во Теарце и тоа не може да ѝ се одземе. Но кога најголемиот дел од сметката го плаќа Брисел, а на настанот најмногу се зборува за успесите на Владата, вреди да се праша: колку од најавените 37 градинки ќе бидат изградени со домашни пари, а колку ќе чекаат на следниот европски грант?