Skip to content

Тинекс оди во косовски раце: Комисијата за конкуренција му даде зелено светло на Проекс на Шаип Микуловци

1 мин. читање
Сподели
Тинекс оди во косовски раце: Комисијата за конкуренција му даде зелено светло на Проекс на Шаип Микуловци

Комисијата за заштита на конкуренцијата го одобри преземањето со кое косовската „Проекс Интернационал“ од Приштина стекнува контрола врз „Тинекс маркет“ ДООЕЛ Скопје. Зад тоа правно лице стои целиот малопродажен бизнис на „Тинекс-МТ“: маркетите под брендовите „Тинекс“, „СуперТинекс“, „Тинекс Деликатес“, „Конто“ и „Спот“. Еден од најпрепознатливите домашни синџири преминува во косовски раце.

Динамиката е поучна. На 2 јули продавачот и купувачот потпишале писмо за намери. На 14 јули, само 12 дена подоцна, „Тинекс-МТ“ регистрирал ново друштво „Тинекс маркет“ – садот во кој се прелева бизнисот. На 10 август известувањето стигнало до Комисијата, дополнето еден ден потоа. И решението е тука. Од писмо до дозвола за нецели три месеци. Кога сака, македонската администрација знае да биде брза. Зависи кој чека на шалтер.

Кој е купувачот? „Проекс“ е една од најголемите малопродажни компании на Косово, дел од групација активна во трговија, дистрибуција, логистика и нафтени деривати. Во сопственичката структура удел од 93 проценти има бизнисменот Шаип Микуловци, роден 1984, кој претседава со групацијата што ги поседува „Интерекс“, „Емона груп“, „ИП Петрол“ и „Шел Косово“, како и трговски центри во Приштина, Пеќ и Дренаш. Во 2023 добиле пакет од ЕБОР до 20 милиони евра за ширење на мрежата, а косовските медиуми пишуваат дека во 2025 оствариле промет од 235 милиони евра.

Логиката на Комисијата е едноставна: „Проекс“ и групацијата досега немале поврзани субјекти во Македонија, ниту еден денар промет на македонскиот пазар во 2025 година. На хартија, значи, не се спојуваат два конкурента, туку влегува нов играч. Затоа нема „создавање или зајакнување на доминантна позиција“ и нема регулаторна пречка. Од аспект на конкуренцијата тоа е точно. Од аспект на пазарот, купувачот утре ќе биде доминантен барем во еден сегмент – во сопствените маркети.

Што значи ова за купувачот на каса? Засега ништо не е соопштено – ниту за асортиманот, ниту за цените, ниту за вработените во сите тие продавници. Колку домашни синџири останаа во домашна сопственост, и кој ќе биде следниот што ќе се продаде на групација од соседството?

Решението ја отстранува последната регулаторна пречка. Остануваат преддоговорот за купопродажба на удел и дефинитивната документација. Друштвото што треба да го прими бизнисот било регистрирано речиси четири недели пред Комисијата воопшто да добие известување. Ефикасност – или знак дека исходот никогаш не бил под прашање?