Skip to content

Муцунски признава дека со Софија нема напредок – и бара Брисел да влезе во разговорите

1 мин. читање
Сподели
Муцунски признава дека со Софија нема напредок – и бара Брисел да влезе во разговорите

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски синоќа во телевизиско гостување го кажа она што се гледа и без дипломатски превод: билатералните разговори со Софија не носат ништо. „Секоја страна си ги кажува своите позиции, а никаков напредок не постигнуваме“, рече тој, и затоа Скопје бара посредник – Европската Унија.

Муцунски вели дека предлогот за засилено директно вклучување на ЕУ веќе е официјално испратен и до Брисел и до Софија. Средба со бугарските претставници на Генералното собрание на ОН во Њујорк немало, а комуникација, според него, има, но без приближување „поради немање интерес од другата страна“. Следната недела тој оди во Софија на состанок за Коридорот 8, каде очекува средба и со бугарската колешка Велислава Петрова-Чамова.

Црвената линија: предвидливост. Позицијата на Владата е дека во овој момент нема услови за уставни измени. Муцунски ја опиша суштината на проблемот вака: „Европската Унија и 26 земји членки ни велат: единствен предуслов се уставните измени. Една земја членка ни вели: има многу повеќе“. Бугарија, според него, бара да се спроведе предлогот од 2022 година, кој во нејзиното толкување внесува историски наративи, јазик и прашања што се суверена надлежност на една влада. Тој предлог, рече министерот, бил прифатен од тогашната влада „заради непромисленост и лековерност во надворешната политика“.

Министерот го искористи гостувањето и за удар по дома: слабоста на македонската државна позиција, според него, е опозицијата, која ја опиша како „целосно усогласена со позициите на Бугарија“. Поентата на овој дел е повеќе партиска отколку дипломатска – но го покажува и тоа колку е тешко да се оди во Брисел со единствен став кога дома не постои ни договор за тоа каде точно е проблемот.

Надежта на Скопје е посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која кон крајот на неделава доаѓа во Скопје. Муцунски вели дека посетата праќа порака оти ЕУ е заинтересирана за регионот и дека ќе се разговара и за Бугарија. Неделава, според неговите информации, Комисијата треба да објави и документ за проширувањето, со нови политики за т.н. постепена интеграција.

Посредник кој е и страна. Идејата има своја логика: Унијата е таа што го бара консензусот и таа го дозволи ветото. Но искуството со спорот со Грција, кој траеше речиси три децении и во кој посредуваше ОН, отвора и спротивно прашање – дали трета страна на масата го скратува спорот или го продолжува. Софија засега вели дека е подготвена за дијалог, но билатерално.

Македонија е кандидат за членство од 2005 година. Прашањето сега не е дали Брисел може да помогне, туку дали сака да влезе во спор што досега го третираше како туѓ.