Skip to content

Франција сели 2,5 милиони државни компјутери од Windows на Linux: Европа сфати дека податоците ѝ се во туѓи раце

1 мин. читање
Сподели
Франција сели 2,5 милиони државни компјутери од Windows на Linux: Европа сфати дека податоците ѝ се во туѓи раце

Една блокирана е-пошта беше доволна. Кога Microsoft, следејќи ја извршната уредба на Доналд Трамп од февруари 2025 година, му го блокираше пристапот до е-поштата на главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан, апстрактната европска грижа одеднаш доби лице. Кан премина на швајцарскиот Proton Mail, а европските влади сфатија дека американскиот CLOUD Act – законот што му дозволува на Вашингтон пристап до податоците на американските компании, без разлика каде физички се наоѓаат – не е теорија, туку прекинувач.

Франција одговори најрадикално. Меѓуресорската агенција за дигитални работи DINUM во април издаде директива со која секое министерство до есента 2026 година мора да предаде план за излез од неевропските дигитални зависности во осум категории: од работни станици и оперативни системи, преку алатки за соработка, антивирусен софтвер, вештачка интелигенција и бази на податоци, до виртуелизација, облак-инфраструктура и мрежна опрема. Самата агенција беше пилот – нејзините вработени први преминаа од Windows на Linux.

Бројката е голема: 2,5 милиони работни станици од Windows на Linux, а паралелно и премин од Teams, Zoom и Webex на домашната платформа Visio до 2027 година. „Не можеме повеќе да прифаќаме нашите податоци, нашата инфраструктура и нашите стратешки одлуки да зависат од решенија чии правила, цени и ризици не ги контролираме“, изјави министерот за јавна администрација Давид Амиел. Без дипломатско шеќерче.

83 отсто преку Атлантикот

Според француското здружение на ИТ-директори Cigref, дури 83 отсто од европското трошење на облак и софтвер, околу 264 милијарди евра, и понатаму оди кај американски компании. Европската комисија на пролет претстави пакет за технолошки суверенитет, а во април додели шестгодишен рамковен договор вреден до 180 милиони евра на европски даватели на облак-услуги. „Технолошката моќ стана геополитичка“, вели еврокомесарката Хена Виркунен.

И бројките за заштедите не се мали. Тулуз по преминот од Microsoft Office на LibreOffice во 2012 година за првите три години заштедил околу милион евра. Италијанското Министерство за одбрана пресметува заштеда од 29 милиони евра на своите 150.000 компјутери. Германската покраина Шлезвиг-Холштајн годинава ќе заштеди над 15 милиони евра на лиценци, а нејзиниот министер за дигитализација Дирк Шредтер ја спореди зависноста од Microsoft со европската зависност од рускиот гас. Француската жандармерија, пак, уште од 2008 година работи на сопствена дистрибуција на Linux, на 103.164 работни станици.

Microsoft веќе не молчи. Компанијата најави дека правно ќе го оспорува секој налог за прекин на облак-услугите за европските владини корисници и дека ќе формира европски одбор на директори, составен исклучиво од европски државјани. Аналитичарите сепак потсетуваат на суштината: CLOUD Act е во сила, Microsoft е американска компанија, а апсолутна гаранција дека европските податоци никогаш нема да им бидат предадени на американските власти едноставно не постои.

Критики има и од другата страна: дека Франција го става суверенитетот пред секојдневната продуктивност без објавена анализа на трошоците и придобивките, и дека жандармеријата за истото имала речиси две децении, а министерствата сега имаат неколку месеци. Но насоката е јасна. Данска, Италија, Австрија и над 800.000 државни работни станици низ Европа одат по истиот пат. Додека Западна Европа го брои секој бајт што заминува преку Атлантикот, останува прашањето дали некој на Балканот воопшто знае каде се чуваат нашите државни податоци – и кој може да ги исклучи.