Skip to content

Њусом стави вето на законот против тајно снимање со паметни очила: Калифорнија можеше да биде првата американска држава што ги регулира

1 мин. читање
Сподели
Њусом стави вето на законот против тајно снимање со паметни очила: Калифорнија можеше да биде првата американска држава што ги регулира

Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, не го потпиша законот што требаше да го забрани тајното снимање на луѓе со уреди што се носат на телото. Предлогот SB 1130, веќе изгласан во законодавното тело на државата, го врати назад со образложение дека уредите за снимање ги дефинира „премногу широко или непрецизно“, што можело да доведе до збунетост и несакани последици. Њусом додаде и дека дел од заштитите што ги нуди предлогот веќе постојат во калифорниското право.

Ако законот поминеше, Калифорнија ќе станеше првата американска држава што ги регулира паметните очила. Прекршителите ќе можеа да добијат парична казна или затвор, а казни ќе плаќаа и производителите на уреди што не ги почитуваат правилата. Во исто време, земји како Норвешка размислуваат дали технологијата воопшто да ја забранат.

Целта беше луѓето да не се снимаат на јавни места без нивна изречна согласност. Проблемот не е теоретски: Meta само минатата година продала над 7 милиони паметни очила, а слични очила со камери и микрофони прави и Snap. На пазарот се појавија и привезоци со вештачка интелигенција што слушаат сè околу себе. Критичарите и самите корисници веќе им смислија прекар – „перверзни очила“, по повеќе пријави за луѓе што со нив снимале и малтретирале други.

Авторката на законот, сенаторката Елоиз Гомез Рејес, тврдеше дека Калифорнија мора да реагира на брзиот наплив на технологија што постојано слуша. Наместо тоа, државата во која седат Meta, Apple и Google одлучи дека дефинициите не се доволно прецизни. Можеби и не се. Но индустријата се движи многу побрзо од законодавецот: Apple минатиот месец најави дека новиот софтвер за Apple Watch ќе има функција што постојано слуша, ќе може да ги прикаже последните 15 секунди разговор како транскрипт и да ги сумира разговорите од целиот ден.

Кога очилата ќе станат обични колку и телефонот, прашањето ќе стигне и до нашите кафулиња: како ќе знаеш дали оној на соседната маса само пие кафе или те снима? И колку ќе доцни законот кога ќе дојде на ред кај нас?