Skip to content

„Големиот охридски ѕид“: На брегот кај Билјанини извори се гради со полна пареа, а Пецаков чека записник за да каже што е

1 мин. читање
Сподели
„Големиот охридски ѕид“: На брегот кај Билјанини извори се гради со полна пареа, а Пецаков чека записник за да каже што е

На крајбрежјето кај Билјанини извори и некогашната „Ајван плажа“ во Охрид расте камен ѕид. Видеата што ги објавија граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ и граѓаните во фејсбук-групата „Пишувајте за Охрид“ покажуваат градежна механизација и ископ непосредно до водата. Судејќи по најновата снимка, работата оди забрзано.

„Големиот охридски ѕид“, кусо и иронично го крстија од „Охрид СОС“. Асоцијацијата е неизбежна – во јавноста веднаш се повлекоа паралели со „парапетчето“ што своевремено неславно го предлагаше поранешниот премиер Никола Груевски.

Инспекција – и ништо повеќе

Градоначалникот Кирил Пецаков потврди дека е испратен вонреден инспекциски надзор на терен. На брифингот со новинарите, сепак, не кажа ништо за тоа кој гради, што гради и дали за зафатот постои документација. Одговорите, вели, ќе дојдат откако Општината ќе го добие записникот од инспекцијата и ќе се утврди фактичката состојба.

Тоа е необичен редослед. Градежен зафат на самиот брег на езеро под заштита на УНЕСКО не се случува незабележано – механизацијата не паѓа од небо. Ако Општината не знае кој ѝ гради на брегот, тоа е еден проблем. Ако знае, а не кажува, тоа е сосема друг.

Еко-активистите во изминатиот период неколкупати алармираа за узурпирање на крајбрежниот појас во заштитената зона, и со градби и со пловни објекти. Охридското Езеро со години е под лупа на домашните организации и на меѓународната заедница токму поради урбаниот притисок врз брегот. Ќе стави ли инспекцијата крај на тоа, или ова ќе биде уште еден случај што ќе остане само евидентиран во записник?

Базенот: 470 милиони денари и уште „година и пол, максимум две“

На брифингот Пецаков зборуваше и за затворениот базен, уште еден охридски проект што стои со години. Владата обезбеди 470 милиони денари за продолжување и завршување на изградбата. Најголем проблем, според градоначалникот, е машинското одделение – снабдувањето со топла вода и потрошувачката на струја – а тендерската документација била подготвувана во 2014 и 2015 година, кога цените биле сосема поинакви.

Рок? „До сега не би требало да биде повеќе од година и пол, максимум две“, рече Пецаков. Конечниот рок ќе се знае дури по отворањето на тендерската документација.

Базенот со документација од 2014 година чека и денеска. Ѕидот на брегот, пак, се гради со полна пареа – без никој од Општината да каже чиј е.