Skip to content

Ѓорѓиевски: ЈСП заштеди половина милион евра на нафта, „некој се офајдувал“, а дизел-автобусите само за три месеци возеле 317.317 километри помалку

1 мин. читање
Сподели
Ѓорѓиевски: ЈСП заштеди половина милион евра на нафта, „некој се офајдувал“, а дизел-автобусите само за три месеци возеле 317.317 километри помалку

„Имаме над пола милион евра заштеда, што значи дека некој дебело се офајдувал во минатото на сметка на нас граѓаните.“ Со оваа реченица градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во директно вклучување на Фејсбук ја претстави заштедата на гориво во ЈСП „Скопје“. Аргументот е едноставен: повеќе автобуси на улиците, а помалку пари за нафта. Кога тој ја презел функцијата, сообраќале 148 автобуси, а денес над 200.

Звучи убедливо. Додека не се погледне колку километри всушност возеле тие автобуси.

Што велат бројките на ЈСП

Според ЈСП, во првите шест месеци од 2026 година потрошени се 348.542 литри нафта помалку отколку во првата половина од лани, односно 14,2 проценти помалку. Претпријатието наведува и дека бројот на исправни автобуси е зголемен од 130 на 200, и дека просечната потрошувачка на дизел-автобусите паднала од 42,61 на 41,76 литри на 100 километри. Тоа последното е реален показател за поекономично возење.

Но полугодишниот извештај сè уште не е пред Советот на Град Скопје. Јавно е објавен само извештајот за првото тромесечје, а во него сликата е поинаква. Во првите три месеци од 2026 година автобусите изминале 3.275.178 километри, наспроти 3.516.603 лани. Тоа се 241.425 километри помалку, или пад од 6,9 проценти. Кај дизел-автобусите, оние што се важни за сметката за нафта, падот е 317.317 километри: од 2.935.560 на 2.618.243 километри, речиси 11 проценти помалку.

Тромесечниот извештај покажува и дека во првите три месеци од годинава просечно имало 182 исправни автобуси, наспроти 203 лани, а дневно во сообраќај биле пуштани 176, наспроти 202. Превезени се 5,7 проценти помалку патници.

Заштеда или помалку автобуси на постојка?

Значи барем во првото тромесечје, голем дел од заштедата се објаснува со тоа што автобусите едноставно возеле помалку. Подобрата потрошувачка на 100 километри е дел од приказната, но помалиот дел. Помалку километри за патникот значи поретки линии и подолго чекање на постојка, што тешко може да се продаде како успех.

Градоначалникот вели дека се воведени ГПС-уреди и сонди за мерење гориво во автобусите и возилата на градските претпријатија, што е добра и одамна потребна мерка. Но тврдењето дека „некој се офајдувал“ е сериозно обвинување. Ако постојат докази за злоупотреба, местото им е кај обвинителството, со имиња и износи. Ако ги нема, тогаш половина милион евра заштеда е сметководствен резултат, а не доказ за кражба.

Во позадина стои и друга бројка. Долгот на ЈСП за една година е намален за 634 милиони денари, но годинава претпријатието доби од Градот субвенции од 680 милиони денари, околу 11 милиони евра, плус 45 милиони денари за жичницата. Градоначалникот најави и 100 нови еколошки автобуси.

Добро е што ЈСП троши помалку. Подобро ќе биде кога граѓаните ќе ја видат целата табела: колку автобуси, колку поаѓања, колку километри и колку литри, за споредливи периоди од двете години. Дотогаш, „некој се офајдувал“ е политичка реченица, а не наод.