Skip to content

Ветен бесплатен оброк, а стигна субвенција: ВМРО-ДПМНЕ го напаѓа Герасимовски, но гласаше за неговиот предлог

1 мин. читање
Сподели
Ветен бесплатен оброк, а стигна субвенција: ВМРО-ДПМНЕ го напаѓа Герасимовски, но гласаше за неговиот предлог

Учебната година во Општина Центар почна на 1 септември. Два и пол месеци подоцна, бесплатниот училишен оброк што градоначалникот Бетон Герасимовски го вети во предизборието сè уште го нема. Наместо него, на седницата на Советот на 13 ноември беше изгласан субвенциониран оброк.

Обвинувањето го изнесе Диана Ристовска Додевски, претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во Центар и советничка во општината. Според неа, околу 2.500 ученици и натаму си го плаќаат оброкот, а понудената субвенција не покрива ниту половина од она што било ветено. „Училиштата започна на први септември со работа, денеска е 16 ноември, центарци се излажани“, изјави таа, нарекувајќи ја локалната власт неспособна и поврзувајќи го градоначалникот со лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Критика, па крената рака

Има еден детал што ја прави приказната поинтересна од обичната партиска пресметка. Ристовска Додевски самата потврди дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ на седницата во петок го поддржале предлогот за субвенциониран оброк, „во интерес на учениците и нивниот стандард“. Значи, предлогот што го напаѓаат како покривање неуспех, го изгласаа и самите.

Од друга страна, ветувањето за бесплатен оброк е на Герасимовски и тој е тој што треба да објасни зошто од „бесплатно“ стигна до „субвенционирано“. Колку изнесува субвенцијата по ученик? Колку плаќаат родителите сега и колку ќе плаќаат по одлуката? Од кога парите стигнуваат до училиштата? Ниту една од овие бројки не беше дел од јавната расправа, а токму тие се единственото што им треба на родителите во Центар.

Предизборните ветувања се лесни. Тешко е кога ќе дојде сметката од училишната кујна. Кој ќе им каже на родителите колку точно ќе плаќаат од следниот месец?