Skip to content

Студентскиот оброк: Јаневска „не гледа логика“ во протестот, Левица тврди дека студентите се оштетени за 400 милиони денари

1 мин. читање
Сподели
Студентскиот оброк: Јаневска „не гледа логика“ во протестот, Левица тврди дека студентите се оштетени за 400 милиони денари

„Правото на протест е загарантирано, но јас навистина не разбирам против што би протестирале. Државата им нуди повеќе од тоа што го имаат, а тие сакаат против тоа да протестираат. Не ја гледам логиката.“ Вака министерката за образование и наука, Весна Јаневска, го коментираше најавениот студентски протест за субвенционираниот оброк.

Што точно им се нуди? Студентска картичка со 20 отсто попуст на услугите достапни преку апликацијата „М-услуги“, која ќе може да се користи и надвор од академската година. Формирана е работна група, а во подготовката учествуваат Министерството за образование и наука, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за финансии, Генералниот секретаријат и Кабинетот на премиерот. Новите модели се најавени за октомври 2027 година.

Интересно е кој ги кажа деталите. Не министерството, туку генералниот секретар на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Дамјан Коњановски, на партиска прес-конференција. Државна мерка, финансирана од буџетот, објаснета од партиска говорница. Кога таа граница исчезна толку лесно?

Што бараат студентите

Студентите не бараат апликација. Бараат пари за храна. Субвенцијата за оброк сега е 140 денари дневно, а тие бараат 180 денари, односно 4.500 денари месечно. Во анкета на Националното студентско тело, со околу 7.000 учесници, 97 отсто го поддржале зголемувањето на 4.500 денари, а 79,5 отсто се изјасниле за задржување на постојниот систем со платежни картички. Со други зборови: побарале поголем износ и постојниот систем. Добиле нов систем и рок во 2027.

Левица оди чекор подалеку. Според нив, усогласувањето на студентскиот оброк со инфлацијата е експлицитна законска обврска, а не милост на министерката, и според нивните пресметки студентите се оштетени за околу 400 милиони денари. Партијата вели дека парламентарното мнозинство веќе ги одбило нивните предлози за зголемување на оброкот и најавува дека утре повторно ќе поднесе предлог-закон.

Министерката не гледа логика во протестот. Студентите, пак, не гледаат 180 денари на картичката. Ако законот навистина бара усогласување со инфлацијата, кој ќе одговара за годините во кои тоа не се случило?