Skip to content

Израелскиот актер Аки Авни го даде своето лице под лиценца на ВИ-стартап: во новата микродрама глуми дигитална копија од себеси, а фирмата веќе бара следни лица

1 мин. читање
Сподели
Израелскиот актер Аки Авни го даде своето лице под лиценца на ВИ-стартап: во новата микродрама глуми дигитална копија од себеси, а фирмата веќе бара следни лица

Епизоди од две минути, романси што се на граница на пристојното и крај на секоја епизода што те тера да кликнеш на следната. Тоа се микродрамите, а стартапот Shortical ги прави како сите други во бизнисот: првите 7 до 10 епизоди се бесплатни, а за да ја догледаш серијата плаќаш мала месечна претплата. Насловите зборуваат сами за себе: „Accidentally Married My Boss“, „Spoiled by My Billionaire Sugar Daddy“.

Во последно време, почетната страница на Shortical е полна со содржина направена со вештачка интелигенција. Причината не е тајна: ВИ-продукцијата чини многу помалку од снимањето со живи актери, а заработката, ако најдеш публика, е многу поголема. Најновата серија, „Inevitable“, имаше премиера минатата недела во Лос Анџелес. Целата е направена со ВИ, а главната улога ја игра дигитален аватар на Аки Авни, израелски филмски и телевизиски актер, кој пред години се појави и во американската серија „24“. Сценариото е речиси шега: Авни игра самиот себе, актер кој го дава своето лице под лиценца на филмско студио, по што настанува трилер.

„Ова е нова ера за уметниците“, вели Авни, кој признава дека проектот истовремено го плашел и возбудувал. „ВИ е нов вид уметност. Тоа е нов формат. Секогаш е убаво да бидеш пионер во нешто“. Директорот на Shortical, Гај Шимони, ја продава приказната од другата страна: „ВИ им овозможува на помали тимови да прават продукции со размери на филм. Кога снимавме со живи актери, бевме ограничени од буџетот. Сега имаме кралства и змејови. Имаме суперхерои. Имаме врколаци“.

Кој го гледа сето ова? Според Шимони, повеќето гледачи на платформата се во САД, иако Кина има најголема публика за микродрами во светот. Публиката е главно женска, а дел од ВИ-сериите на сајтот, судејќи по бројачите, имаат милиони прегледи.

Сега Shortical бара следни лица. На сајтот со големи букви пишува „LICENSE YOUR FACE“: испрати ги профилите од социјалните мрежи, а фирмата ќе одлучи дали ќе ти понуди договор. Претставник на компанијата признава дека понудата „е сè уште во рана фаза и досега нема ниту еден потпишан договор“, а договорот со Авни е склучен директно, не преку платформата. Колку е платен Авни, не кажуваат – само дека надоместокот бил „во согласност со стандардите во индустријата за слична улога без ВИ“. На прашањето дали луѓето чие лице го користат ќе добиваат и дел од заработката, Шимони одговара со „зависи од случајот“. Во Кина, каде што индустријата на микродрами настанала и каде што лиценцирањето лица веќе е тренд, фирмите за микродрами им плаќаат на луѓето од 15 до 700 долари (околу 14 до 640 евра) за правото на нивниот лик.

Џенифер Купер, основачка на консултантската фирма Vertical Drama Love, гледа помалку сјај. „Сите сме погодени од ВИ. Многумина од нас или изгубија работа поради ВИ, или гледаат како ја уништи оваа индустрија“, вели таа. Микродрамите до неодамна беа влезна врата за млади актери, место каде што учат на снимање. Според Купер, притисокот доаѓа од парите: „Ако денес сакаш инвестиција за микродрами, мора да го споменеш зборот ВИ. ВИ е злато во очите на сите“. А публиката? „Некои од тие содржини имаат прегледи. Многу немаат. Мислам дека повеќе ѝ се туркаат на публиката отколку што публиката ги бара“.

Shortical неодамна склучи партнерство со Payouts.com, платформа за исплати на креатори и хонорарци, за да им плаќа на луѓето чие лице ќе го користи. Оттука лесно се стигнува до моделот на гиг-економијата, пренесен на човечкото лице: го даваш ликот, а исплатата зависи од тоа колку луѓе ќе гледаат. Ако во Кина цената почнува од 15 долари, колку би вредело лицето на непознат млад актер од Скопје или Белград ако таква понуда стигне и до нас?