Skip to content

Милановиќ во Охрид: ЕУ се претвора во „дисфункционално царство“, а кандидатите и понатаму чекаат пред вратата

1 мин. читање
Сподели
Милановиќ во Охрид: ЕУ се претвора во „дисфункционално царство“, а кандидатите и понатаму чекаат пред вратата

Процесот Брдо-Бриони годинава се одржа во Охрид, а домаќинка беше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Иницијативата ја основаа во 2013 година тогашните претседатели на Хрватска и Словенија, Иво Јосиповиќ и Борут Пахор, со една цел: побрзо да ги внесе земјите од Западен Балкан во Европската унија. Тринаесет години подоцна, ниту една од нив не стана членка.

Покрај Сиљановска-Давкова, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар, во Охрид пристигнаа црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, албанскиот претседател Бајрам Бегај, косовската претседателка Јустина Широка Пула и тројцата членови на Претседателството на Босна и Херцеговина: Даријана Филиповиќ, Денис Бечировиќ и Жељка Цвијановиќ.

Но најважниот гостин седеше на столот на Србија. Таму беше Александар Чупиќ, претседател на српскиот парламент и вршител на должноста претседател. Тоа е прв настап во странство на некој од новата власт во Белград, по победата на Студентската листа на крајот на октомври. Милановиќ, кој признава дека на овие средби атмосферата знаела да биде непријатна, овој пат беше речиси нежен: состанокот бил „најпријатниот“ досега, атмосферата била „поинаква поради луѓето“, а на прашањата што ги делат двете земји им се пристапило „разумно“.

Средбата дојде ден откако Европскиот парламент во Стразбур усвои резолуција за Вуковар. Во неа се оддава почит на загинатите, се осудува славењето воени злосторници и се повикува Србија да ги отвори воените архиви за да се расветли судбината на 1.725 исчезнати лица. Студентското движење во Србија ја искритикува резолуцијата, оценувајќи дека не придонесува ниту за објективен поглед на блиската историја ниту за помирување. Милановиќ рече дека Хрватска и Србија за Вуковар „никогаш нема да имаат исто мислење“, но дека тоа не смее да биде пречка за понормални односи.

Потоа дојде делот што треба да го слушне секој што со години чека пред шалтерот во Брисел. Милановиќ рече дека се согласува со „елементи“ од резолуцијата, која ја нарече документ на „полудемократска институција на недемократската Европска унија“. Малку подоцна призна дека резолуцијата не ја прочитал, но „отприлика знае што може да има во неа“. За самата Унија беше уште посуров: таа минува низ тешко време и нема одговори за предизвиците пред себе, или ги има лоши. „Унијата функционираше одлично, но не и во последниве години“, рече тој, и додаде дека ЕУ се претвора во „едно дисфункционално царство“ во кое Хрватска, што се однесува до него, нема да учествува.

Да се разбереме: ова го кажува претседател на земја која е внатре. Хрватска плаќа со евро, членка е на Шенген и седи во групата држави што се борат за кохезиските фондови. И тоа го кажува во Охрид, пред луѓе чии држави со години исполнуваат услови, а Македонија за тоа „царство“ ги смени и уставот и името.

Дали Милановиќ гласно го кажа она што многумина во регионот веќе го мислат, само што тој може да си дозволи да го каже? Можеби. Но кандидатите си заминаа од Охрид со прашање што го носеа и кога дојдоа: ако оние што се внатре велат дека Унијата не функционира, кој точно ќе ја отвори вратата за нас?