Skip to content

Дивата депонија во Карпош станува парк од 86.000 квадрати: Отпадот е исчистен, но рокот и цената не се соопштени

0 мин. читање
Сподели
Дивата депонија во Карпош станува парк од 86.000 квадрати: Отпадот е исчистен, но рокот и цената не се соопштени

Каде е најблискиот контејнер за рециклирање и кои стојат полни со денови? Сè е на една мапа, со податоци што се ажурираат секој ден.

Отвори го водичот за рециклирање →

Простор во Карпош што со години беше дива депонија треба да стане парк од 86.000 квадратни метри. Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, заедно со градоначалникот на Карпош Сотир Лукровски, го посети теренот и најави зеленило, детски катчиња, повеќенаменски игралишта, урбана опрема и сопствена хидрантска мрежа.

Депонијата, според Градот, е исчистена, отстранет е слојот од теренот на кој со години се таложел отпад и сега се носи чиста земја. „Токму ова место со години беше огромна дива депонија, слика што потсетуваше на Вардариште“, порача Ѓорѓиевски. Тој тврди дека тука се натрупувал отпад, се палеле кабли и се ширел чад, а за сето тоа ги обвини поранешните градски власти: „Граѓаните предолго ги трпеа последиците од таквата негрижа. На тоа му ставаме крај!“

Ветување без рок и без цена

Во најавата нема ниту рок до кога паркот ќе биде готов, ниту колку ќе чини. Има само „наскоро“. А „наскоро“ без датум не е рок, туку надеж.

Отпадот се провлекува и низ другите договорени приоритети. Градот и Општината договориле да се разгледа можноста за претоварна станица за комунален отпад, замена на постојните контејнери и поставување нови, како и нови возила за собирање и транспорт на отпадот во Карпош. На листата се и реконструкција на пристапниот пат до Бардовци и нов резервоар за вода, улицата „Скупи“, монтажни паркинзи во Карпош 4, санација на свлечиштето кај црквата во Жданец, нови улици и мостови во Момин Поток и Криви Дол, мостови преку Серава и зонско паркирање.

Градоначалникот посочи и дека привршуваат градежните активности на мостот на улицата „Љубљанска“, проект што со години беше закочен.

Исчистена депонија е добра вест за секој што живее во близина. Но вистинскиот тест не е денот кога ќе се засади првото дрво, туку денот кога некој повторно ќе дојде со камион шут ноќе. Кој ќе го чува новиот парк да не се врати на старото?