Skip to content

Мицкоски во Брвеница: БДП порасна 4,3%, но растот мора повеќе да се почувствува во платите

1 мин. читање
Сподели
Мицкоски во Брвеница: БДП порасна 4,3%, но растот мора повеќе да се почувствува во платите

Македонската економија во второто тримесечје од годинава забележала реален раст од 4,3 отсто во однос на истиот период лани, а градежништвото пораснало за 21,9 отсто. Бројките ги изнесе премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски – не на прес-конференција, туку синоќа на митинг во Брвеница, во кампањата за вонредните локални избори.

Интересно е што Мицкоски, во истиот говор, самиот ја повлече границата меѓу бројката и паричникот. „Растот мора да продолжи и резултатите повеќе да се чувствуваат – во повисоки плати во периодот што следи, во повеќе добро платени работни места, училишта, патишта, водоводи, канализации, здравствени установи и јавни услуги што функционираат“, рече тој. Со други зборови: растот постои во статистиката, а платите допрва треба да го стигнат.

Премиерот одговори и на критиките за „трета економија во Европа“. „Сега кога сме први во регионот ми вадат изјава „Мицкоски не ја кажа вистината, не сме трета економија во Европа“, според растот сме биле четврта. Добро, прифаќам“, рече Мицкоски, додавајќи дека во времето на претходната власт земјата била последна во регионот. Тој порача дека од доаѓањето на оваа влада околу половина милијарда евра се насочени директно кон проекти во општините, од кои неколку милиони завршиле и во Брвеница, и најави нов повик за финансирање проекти следната година.

Дизелот и заслугите. Во економскиот дел од говорот, Мицкоски се пофали и со горивата. „Секаде во светот расте, во Македонија, кај нас поевтинува. Тоа е политиката на оваа влада“, рече тој, поврзувајќи го поевтинувањето на дизелот со намаленото ДДВ. Одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, сепак, кажува и нешто друго: во изминатата недела референтната цена на дизелот на светскиот пазар паднала за 6,73 отсто. Намаленото ДДВ од 10 отсто не е ново – тоа важеше и претходната недела, кога дизелот поскапе за 5,50 денари.

Растот од 4,3 отсто е реална бројка и не е мала. Но разликата меѓу БДП и животот на граѓаните не се мери на митинзи, туку на крајот од месецот. Самиот премиер го кажа тоа – сега останува да се види кога „периодот што следи“ ќе стане сегашност.