Skip to content

Лекар и медицинска сестра нападнати пред поликлиника во Аеродром, а задолжително обезбедување во здравството сѐ уште нема

1 мин. читање
Сподели
Лекар и медицинска сестра нападнати пред поликлиника во Аеродром, а задолжително обезбедување во здравството сѐ уште нема

Во саботата, 21 ноември, околу 17:30 часот, пред поликлиниката „Јане Сандански“ во скопската општина Аеродром, лекар и медицинска сестра од Итната медицинска помош биле физички нападнати додека ја вршеле својата работа. Според МВР, напаѓачите биле татко и син – 62-годишниот С.К. и 41-годишниот Ј.К. од Скопје. Двајцата медицински работници биле повредени и хоспитализирани.

Синот бил лишен од слобода истата вечер во 19:15 часот. Според неофицијални информации, двајцата дошле со постар, тешко болен пациент и инсистирале итно да биде пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Лекарот и сестрата процениле дека за тоа нема потреба и дека пациентот може да биде однесен со автомобил. Следувала расправија, а потоа и удари. Од МВР велат дека по целосното документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок против сторителите.

Незадоволството од проценката на лекарот не е оправдување за удар. Нападот врз здравствен работник додека ја врши професионалната дејност е кривично дело, напад врз службено лице, за кое е предвидена казна затвор до пет години, потсетува Лекарската комора. Таа побара од МВР и од правосудните органи итно и целосно да го расчистат случајот и најстрого да ги санкционираат сторителите, а најави правна и психолошка поддршка за повредените колеги.

Министерството за здравство најостро го осуди инцидентот, а реагираше и Унијата на медицински сестри „За нас“, која бара системски мерки за безбедност на персоналот. Најдалеку оди Здружението на лекари специјализанти: бара законско решение со кое физичкото обезбедување ќе стане задолжително во сите здравствени установи во државата, а прашањето да не се отвора „само по секој нов инцидент“.

„Прашуваме дали треба да чекаме некој здравствен работник да биде сериозно повреден за безбедноста на медицинскиот персонал конечно да стане институционален приоритет?“, порачуваат специјализантите.

Проблемот не е нов. Според анкета од 2022 година, над 70 отсто од докторите во Македонија се соочиле со физичко или вербално насилство на работното место. Со измените на Кривичниот законик во 2023 година, нападот врз медицинско лице почна да се третира како напад врз службено лице. Казната, значи, постои веќе три години. Задолжителното обезбедување – сѐ уште не. Дали некој ќе реагира пред следниот напад?