Skip to content

„Не сме спиени пет ноќи“: децата во Охрид престојувале непријавени, а прашањето за инспекција никој не го поставува

0 мин. читање
Сподели
„Не сме спиени пет ноќи“: децата во Охрид престојувале непријавени, а прашањето за инспекција никој не го поставува

„Викање, тепање меѓу нив, вриштење по улици и на балкони во 4, 5 и 6 часот наутро. Не сме спиени пет ноќи.“ Ова е дел од објавата на охридската авторка Јасмина Петковска, позната како „Белиот Лебед“, која преку Фејсбук реагираше на однесувањето на дел од малолетните посетители што изминативе денови престојувале во Охрид без родителска придружба.

Според нејзините наводи, групи деца на возраст од 14 до 16 години биле сместувани по десетина во еден стан. Дел од младите престојувале непријавени, оставале отпад, оштетувале заеднички простории и користеле алкохол и недозволени супстанции. Таа ги повика на одговорност и родителите, и сопствениците што им издаваат станови.

„Побитно е илјадарче плус отколку мирот, стравот и вознемирувањето на околината“, напиша авторката.

Тоа не е прашање за воспитување. Тоа е прашање за пријавување.

Објавата разбрануваше социјални мрежи затоа што ја зафати родителската одговорност – најлесната цел, и најмалку регулираната. Но во истата објава има еден податок што е чиста работа за инспекција, не за коментар: децата престојувале непријавени.

Пријавувањето на гости во приватно сместување не е препорака и не е ствар на воспитание. Тоа е законска обврска на давателот на услугата. По десетина малолетници во еден стан, без пријава, значи или сопственик кој не води евиденција, или сопственик кој свесно не сака да ја води. И во двата случаја има адреса, има име и има надлежен орган кој треба да појде на таа адреса.

Кој од тие органи бил во Охрид овие пет ноќи? Од објавата се разбира – никој. Инаку станарите не би морале да го решаваат проблемот преку Фејсбук.

Најпосетената недела во годината, и никој со надлежност на терен

Ова е периодот на најголема летна посетеност во Охрид. Тоа значи максимален промет за издавачите, максимален притисок врз комуналните служби и максимална зафатеност на секој капацитет во градот. Тоа е и точно периодот кога контролата треба да е најсилна, а не најслаба.

Наместо тоа, темата ја отвори една жена која пет ноќи не спиела. Нејзината објава повторно го актуелизира прашањето за сместување малолетници без придружба, за пријавување на туристите и за одговорноста на оние што издаваат станови. Прашањето е актуелизирано. Останува да видиме дали некој со печат ќе го прочита.