Skip to content

Москва го испраќа Вучиќ со двосмислен комплимент: Србија – душа во Русија, тело во Европа

1 мин. читање
Сподели
Москва го испраќа Вучиќ со двосмислен комплимент: Србија – душа во Русија, тело во Европа

Александар Вучиќ ја поднесе оставката од функцијата претседател на Србија пред истекот на мандатот, а една од публиките што најгласно реагираше не беше во Белград, туку во Москва. Руските медиуми оставката ја ставија меѓу главните вести и најмногу нагласуваа дека тој сам решил да замине пред крајот на мандатот.

На повеќе места ја цитираа и неговата реченица дека секоја средба во Европа во последните четири години била мачење, бидејќи едно од првите прашања било: „Зошто не воведовте санкции против Русија?“ Не е чудно што токму таа реченица се најде во руските наслови.

Мајстор за две столици

Најдолгиот текст го потпиша Дмитриј Бавирин, новинар и политиколог, за РИА Новости, најголемата новинска агенција во Русија. „Пред четвртина век планот беше тој да изгние во Хаг заедно со Слободан Милошевиќ. Наместо тоа, го преживеа падот на многу свои непријатели, и покрај војната која тогаш беше изгубена“, пишува Бавирин. Го нарекува вистински талент, познат по исклучителната издржливост, по својата „двојна природа“ и по вештината истовремено да седи на две, а понекогаш и на повеќе столици. Посебно забележува дека во говорот за оставката Вучиќ ги цитирал и Винстон Черчил и Си Џинпинг.

Потоа доаѓа реченицата што во Белград веројатно најмногу ќе се препрочитува. „Ова не е критика на неговата дволичност, туку израз на восхит. Како лидер на осиромашена нација – нација чија душа ѝ припаѓа на Русија, додека телото ѝ е во Европа – Вучиќ е токму човекот каков што бара ситуацијата“, пишува Бавирин, додавајќи дека српскиот народ е задоволен од неговата политика.

Комплимент што сече на двете страни

Во Белград дел од медиумите овој текст го пренесоа како доказ за „длабока почит и отворено восхитување“. Можеби. Но кога авторот на најголемата руска агенција ќе ја нарече твојата држава „осиромашена“ и ќе те пофали за дволичност, тоа е пофалба со остар раб. Москва не го слави Вучиќ како сојузник што избрал страна – го слави како играч кој со години успеваше да не воведе санкции против Русија, а притоа да не ја затвори вратата кон Брисел.

Сега Србија влегува во изборен маратон. Парламентарните избори се закажани за 25 октомври, претседателските до крајот на декември, а дотогаш функцијата претседател на Републиката ја врши претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ. Поддржувачите на Вучиќ веќе го гледаат на местото премиер, а Бавирин е уверен дека неговиот ривал Срдановиќ како политичар не му е конкуренција.

За Македонија, која со Србија ги дели и границата и редицата пред европскиот шалтер, прашањето не е академско. Дали Белград и по Вучиќ ќе продолжи да седи на две столици – или некој конечно ќе мора да избере една?