Skip to content

Мицкоски вели дека инфлацијата е „50 отсто пониска“ од европската – бројките велат петтина, а кошницата стигна 69.432 денари

1 мин. читање
Сподели
Мицкоски вели дека инфлацијата е „50 отсто пониска“ од европската – бројките велат петтина, а кошницата стигна 69.432 денари

Инфлација „за 50 отсто пониска“ од европската. Така премиерот Христијан Мицкоски, од партиската говорница на митингот во Брвеница на 28 септември, ја претстави економската состојба. Бројките што ги наведе: 2,3 отсто во јули и 2,6 отсто во август, наспроти 2,9 и 3,2 отсто во Европа.

Самите бројки се точни. Математиката – не баш. Инфлација од 2,6 наспроти 3,2 отсто е пониска за околу една петтина, не за половина. За да биде навистина „50 отсто пониска“, августовската инфлација кај нас требаше да биде 1,6 отсто.

Но поголемиот проблем не е процентот. Инфлацијата ја мери брзината со која растат цените, а не колку се високи. Производ што поскапел од 100 на 140 денари не поевтинува кога инфлацијата паѓа – само продолжува да расте побавно. Претходните поскапувања остануваат во секоја сметка.

Кошницата не слуша говори

Според Сојузот на синдикатите на Македонија, синдикалната минимална кошница во септември достигна 69.432 денари – 757 денари повеќе од август, 4.355 денари повеќе од септември лани и 8.126 денари повеќе во однос на 2024 година. Просечната нето-плата во јули, според Државниот завод за статистика, беше 48.499 денари, реално 4,7 отсто повисока од лани. Разликата меѓу кошницата и една просечна плата е над 20.000 денари – а просекот не кажува ништо за оние што заработуваат под него.

Храната и безалкохолните пијалаци во 2025 година биле на околу 74 отсто од просечното ниво на цените во ЕУ. Звучи евтино, сè додека не се спореди со платите. Само во август храната и безалкохолните пијалаци поскапеа за уште 0,5 отсто за еден месец. Премиерот, повикувајќи се на првични процени на Државниот пазарен инспекторат, најавува годишна инфлација кај храната меѓу 1,5 и 2 отсто. Конечните податоци ќе ги даде Државниот завод за статистика.

Реалниот раст на БДП од 4,3 отсто е официјален и позитивен податок. Но најголемиот скок е во градежништвото, цели 21,9 отсто, додека сезонски приспособениот раст на целата економија е 4 отсто. Самиот Мицкоски на митингот рече дека растот мора да продолжи и „резултатите повеќе да се чувствуваат – во повисоки плати“. Со тоа би се согласиле и неговите најгласни критичари. Прашањето е само кога.