Skip to content

Проект за дата-центар од најмалку 100 милиони долари: владата не се повлекува, но бројките за водата и струјата ги нема

1 мин. читање
Сподели
Проект за дата-центар од најмалку 100 милиони долари: владата не се повлекува, но бројките за водата и струјата ги нема

Владата нема да се повлече од иницијативите за дата-центри. Премиерот Христијан Мицкоски тоа го повтори неколкупати, а бројките што ги нуди се крупни: еден од потенцијалните проекти би започнал со инвестиција од најмалку 100 милиони долари, со можност вкупната вредност да надмине 500 милиони долари. Владата, вели, веќе разговара со повеќе компании.

Амбицијата е Македонија да стане регионален центар за дигитални услуги, со странски капитал, специјализирани работни места и домашни ИКТ-компании вклучени во изградбата. Премиерот најавува дека новите гасни капацитети би можеле да обезбедуваат струја и за дел од идните центри.

Водата – прашањето што не исчезнува

Главниот спор во јавноста е ладењето. Дата-центрите трошат огромни количини струја и, зависно од технологијата, вода. Владата најавува современи решенија – воздушно и фреонско ладење, а кај системите со вода затворени кругови со рециркулација. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, вели дека водата за евентуалните големи центри би била техничка вода од подземни извори, а не од Вардар или од водоводот. Владата тврди и дека ниту една приватна инвестиција нема да има предност пред снабдувањето на граѓаните со струја и вода.

Добро звучи. Но тоа се уверувања, а не бројки. Колку вода, колку мегавати, какво влијание врз подземните води – тоа треба да се знае за секој конкретен проект, пред да се потпише, а не по тоа. Паралелно, државата гради и сопствен Национален податочен центар, планиран со моќност под еден мегават.

Опозицијата оди подалеку и ја обвинува власта дека кон државата се однесува како кон плен, ставајќи ги во ризик водата, земјата и здравјето на цели населени места. Од власта одговараат дека би се откажале ако постои и најмала можност за штета. Партијата ДОМ, пак, вели дека дебатата не е за или против технологијата: „Не е доволно да се каже дека процесот е „неповратен“ или дека Владата нема да се повлече. Потребно е однапред да бидат воспоставени и јасно познати условите и критериумите“, порачуваат оттаму, барајќи јасно да се знае кој ќе одговара ако се појават негативни последици.

Тоа е суштината. Инвеститорите во вакви проекти доаѓаат со свои услови и со рокови. Прашањето е дали државата ќе ги постави правилата пред првиот договор, или ќе ги пишува откако машините ќе се вклучат?