Skip to content

Конечно објавен договорот со Икарус: речиси 60 милиони евра за 150 електрични автобуси, првите 30 до март 2027

1 мин. читање
Сподели
Конечно објавен договорот со Икарус: речиси 60 милиони евра за 150 електрични автобуси, првите 30 до март 2027

Договорот за 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење е склучен уште на 9 септември. Јавноста го виде дури сега, откако беше објавен на Електронскиот систем за јавни набавки – по месец дена новинарски прашања дали договорот воопшто постои.

Вредноста е 3.682.728.084 денари, или речиси 60 милиони евра. Автобусите ги испорачува унгарската компанија „Икарус електрик“, која настапи со групна понуда заедно со „Зонгтонг бас холдинг“ и ЕВН Македонија Електроснабдување, а ЕВН ги обезбедува станиците за полнење. Единечната цена на еден електричен автобус е 19.796.923,97 денари без ДДВ, односно 321.958,27 евра. Од 150-те автобуси, 100 се за Скопје, а 50 за други градови со организиран јавен превоз.

Рокови на хартија

Според договорот, првите 30 автобуси и 15 станици треба да стигнат најдоцна за шест месеци од потпишувањето, односно до 9 март 2027 година. Следните 60 автобуси и 30 станици се предвидени до 9 септември 2027 година, а преостанатите најдоцна до 9 март 2028 година. Претходните најави зборуваа дека Скопје ќе ги добие првите 30 автобуси најдоцна во јануари 2027 година.

За секој ден доцнење се пресметува договорна казна од 0,1 отсто од вредноста на неиспорачаните автобуси и станици, но само до 30 дена. По тоа, Министерството за транспорт има право да го раскине договорот и да ја активира гаранцијата. Роковите можат да се продолжат при виша сила или при значајни промени во проектот побарани од Министерството.

Министерот Александар Николоски и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски веќе се пофалија дека роковите течат. Скопјани, кои секој ден чекаат по станиците и се возат во возила пред „пензија“, ќе поверуваат кога ќе го видат првиот автобус. Со која динамика ќе стигнуваат возилата во главниот град, засега не е познато.