Skip to content

Косово доби претседателка во последната минута: 81 глас, само еден повеќе од потребните

1 мин. читање
Сподели
Косово доби претседателка во последната минута: 81 глас, само еден повеќе од потребните

Косовскиот парламент ја избра економистката Јустина Широка Пула за претседателка на државата – во првите минути од средата, буквално пред да истече уставниот рок. Од 120 пратеници, за неа гласаа 81. Потребни беа 80. Еден единствен глас ја делеше Приштина од нови предвремени парламентарни избори, исто како оние во јуни.

„Овој мандат не припаѓа само на една личност. Тој им припаѓа на нашите граѓани. Ќе бидам претседателка на сите граѓани“, изјави Широка Пула по гласањето. Убава реченица. На Балканот ја слушаме по речиси секое гласање – потешко е да се види колку трае.

Цената на гласовите

Мнозинството не дојде од одеднаш пробуден ентузијазам за кандидатката. Дојде од договор меѓу партијата на премиерот Албин Курти, Самоопределување, и опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ДСК) – договор за ограничување на овластувањата на Специјалниот суд за Косово во Хаг. Со други зборови: претседателката е изгласана, а пазарот се направи на сметка на судот што ги суди злосторствата од војната.

Тоа во Приштина не е апстрактна правна тема. На 16 септември Хашкиот суд го осуди поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и уште тројца обвинети на вкупно 81 година затвор за воени злосторства од војната за независност од Србија кон крајот на 1990-тите. Во понеделникот полицијата употреби солзавец и водени топови против демонстрантите што бараа токму овие промени да се донесат. Критичарите тврдат дека казните што ги изрекува судот се престроги.

Значи, улицата бараше помалку Хаг, партиите се договорија токму околу тоа – и парламентот, во последната минута, доби претседателка. Колку пати сме гледале на Балканот институциите да се спасуваат пет минути пред полноќ, со договор за кој никој не гласал на избори?

Претседателската функција на Косово е главно церемонијална, но токму таа со години е извор на политички блокади: за избор е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, а партиите тешко се договараат околу кандидат.

Широка Пула е родена во 1953 година, претседателка е на Косовската академија на науките и уметностите и професорка по економија. Од 2008 до 2011 година беше министерка за економија. Академичарка на чело на држава во која хашките пресуди ја креваат улицата – на хартија, тоа звучи како смирување. Дали е навистина така, ќе покаже првата следна криза.