Skip to content

Москва ѝ порача на новата српска власт: прво влада, па гас – а договорот истекува на 31 декември

1 мин. читање
Сподели
Москва ѝ порача на новата српска власт: прво влада, па гас – а договорот истекува на 31 декември

Победниците на изборите во Србија сè уште немаат влада, а веќе ја добија првата лекција од Москва. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, им одговори на најавите од Студентската листа дека ќе испрати делегација во Русија за да преговара за гасот: прво формирајте ја власта, па испратете формално барање.

Најавата дојде од Радомир Саичиќ, претставник на листата. Според него, во првите 30 дена од работата на новата влада, делегации треба да разговараат со Русија за гасниот аранжман, а со американски претставници за санкциите врз Нафтената индустрија на Србија (НИС). План на два фронта – Исток и Запад истовремено. Белград оваа вежба ја знае напамет.

Захарова беше учтива, но јасна. Москва, рече, внимателно ги следи политичките случувања во Србија и му посакува на „братскиот српски народ“ успешно да го помине „комплицираниот период по изборите“. За гасот – на темата треба да се врати откако ќе се формираат органите на државната власт. Кога точно, не кажа.

А часовникот отчукува. Договорот за испорака на руски гас на Србија истекува на 31 декември. Тригодишниот аранжман заврши уште во мај 2025 година, и оттогаш гасот тече на краткорочни продолженија – последното важи до крајот на 2026 година. Новата власт, значи, ќе преговара за гас додека сè уште ги дели министерските фотелји.

Преведено од дипломатски јазик, пораката е едноставна: Москва сака да знае со кого седнува на маса пред воопшто да седне. Учтива реченица за „братскиот народ“, а под неа – потсетник дека гасот никогаш не бил само трговија.

За Балканот ова е позната сцена. Кога зимата зависи од еден снабдувач, секоја промена на власта станува и енергетски испит. Дали новата српска власт ќе успее да балансира меѓу рускиот гас и американските санкции подобро од претходната – или прво ќе научи колку чини чекањето кога договорот истекува среде зима?