Skip to content

По падот на СНС, лисиците стигнаа до командантот на САЈ – а Вулин се јави од Москва

1 мин. читање
Сподели
По падот на СНС, лисиците стигнаа до командантот на САЈ – а Вулин се јави од Москва

Помалку од две недели по изборите на кои Српската напредна странка ја загуби власта по 14 години, лисиците почнаа да стигнуваат до луѓе што досега изгледаа недопирливи. Во средата е уапсен Игор Жмириќ, командантот на елитната Специјална антитерористичка единица (САЈ), заедно со уште осум лица. Сомнежот: дека во август минатата година мачеле студенти во гаражата на зградата на Владата на Србија во Белград.

Според српското МВР, осум полицајци и еден поранешен полицаец, сегашни и поранешни припадници на Единицата за обезбедување на определени лица и објекти (ЈЗО), во ноќта меѓу 14 и 15 август 2025 година, во гаражата на Владата во улицата Немањина, со сила и закани нанеле силна болка и тешки страдања на повеќе лица. Целта, според сомнежите: да извлечат информации, да ги заплашат и незаконски да ги казнат. Таа вечер во Белград се одржуваше еден од антивладините протести предводени од студентското движење. За сите е определено задржување до 48 часа, а налогот го издало Првото основно јавно обвинителство.

Обвинувањата не се нови – нови се само лисиците. Студентката Николина Синѓелиќ уште тогаш тврдеше дека тогашниот командант на ЈЗО, Марко Кричак, и други припадници на единицата физички и психички ги малтретирале студентите во гаражата. „Кричак пред сите ми се закануваше со силување“, изјави таа. МВР ги отфрли обвинувањата, а Кричак ја тужеше студентката. Тогашниот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ тврдеше дека таа учествувала во „незаконска блокада на сообраќајот“ и фрлала бакли кон полицијата. „Немаше врзување, навредување ниту какво било малтретирање“, рече тогаш Дачиќ.

По изборите е уапсен и самиот Кричак, во меѓувреме началник на Управата на криминалистичката полиција, заедно со Бошко Секуловиќ, началник на Службата за сузбивање на криминалот. Жмириќ, 47-годишен полковник од Сомбор, поминал обуки со елитни руски, американски и француски единици и ја завршил Меѓународната академија за спроведување на законот во Будимпешта. За командант на САЈ беше избран во ноември минатата година.

БИА, затворите и „капиларните гласови“

Во четвртокот обвинителството за организиран криминал отвори предистражни постапки против директорот на Безбедносно-информативната агенција (БИА), Владимир Орлиќ од СНС, и министерот за правда во технички мандат, Ненад Вујиќ, заедно со нивни соработници. Сомнежите се однесуваат на организирано собирање на таканаречени „капиларни гласови“ за СНС на изборите на 25 октомври, незаконско постапување во БИА и систематски притисоци врз вработените во казнено-поправните установи.

Пријавите ги опфаќаат и директорот на Управата за извршување кривични санкции, Миле Јандриќ, советничката на министерот Милица Радоњиќ и уште 60 поименично наведени лица – управници и вработени во затвори низ Србија – плус неидентификувани „високопозиционирани функционери, претставници и активисти на СНС“. На списокот на сомнежи се здружување заради вршење кривични дела, злоупотреба на службената положба, давање и примање поткуп во врска со гласањето и неовластено собирање лични податоци.

Вулин: „Никаде не избегав“

Па дојде и епизодата што звучи како сценарио за филм. Во вторникот навечер авионот на Air Serbia на летот JU134 од Белград за Москва беше вратен назад, иако веќе беше длабоко во европскиот воздушен простор, близу границата меѓу Литванија и Белорусија. Снимките од безбедносните камери покажале дека еден патник поминал безбедносна контрола во придружба на службеник на БИА, без пропишаниот преглед – иако алармот се активирал. Според српски медиуми, тој патник бил Александар Вулин, претседател на Движењето на социјалистите и шеф на Надзорниот одбор на Србијагас. Во авионот биле и директорот на Србијагас Душан Бајатовиќ и Ненад Поповиќ, претседател на Српската народна партија. Третото основно јавно обвинителство во Белград најави дополнителни проверки.

Утредента Вулин се јави – од Москва. „Јас никаде не заминав, јас никаде не избегав“, порача тој, нарекувајќи ја ноќта во која се ширеа приказни дека во мал ранец носел милиони евра и десетици килограми злато „ноќ на лаги“. Во Москва, вели, ќе има средби со „многу важни претставници на руската држава и руската економија“ и ќе ги моли да го продолжат гасниот договор. „Јас не сум тој што ќе оди во Загреб да плука по својата земја“, додаде.

Студентската листа победи со 53,01 наспроти 38,98 проценти, според податоците на државната изборна комисија, кои сè уште не се објавени како конечни, а новата влада допрва треба да се формира. Вучиќ и неговите соработници ги негираат обвинувањата за насилство, притисоци врз медиумите и корупција. Балканот овој филм го знае напамет: власта паѓа, па почнуваат апсењата. Затоа вистинското прашање не е кој ќе заврши со лисици, туку дали обвинителството ќе ги докаже случаите во судница. И ако мачењето во гаражата навистина се случило, зошто требаше да падне власта за некој да го истражува?