Skip to content

Вучиќ во улога на опозиција: Бранко Милутиновиќ како премиер би бил „апсурд“

1 мин. читање
Сподели
Вучиќ во улога на опозиција: Бранко Милутиновиќ како премиер би бил „апсурд“

Србија има нова власт, а Александар Вучиќ – нова улога. Сега го претставуваат како лидер на опозицијата, и првата мета веќе ја избра: Бранко Милутиновиќ, човекот зад компанијата за видеоигри Nordeus, чие име се спомнува за нов претседател на српската влада.

„Замислете каков апсурд би бил тоа. Значи, со пари можете да ја купите позицијата претседател на владата, а притоа да не платите данок во Србија“, изјави Вучиќ во телевизиско гостување. Според него, кога Милутиновиќ ја продал својата фирма на Американците, данокот го платил во Ирска, а не во Србија.

Нападот, сепак, траеше само неколку реченици. Веднаш потоа Вучиќ самиот се посомнева во своето сценарио: новата власт, вели, е „главно анархистичко-марксистички ориентирана“, сака самоуправување и сака да глуми праведност, па тешко дека би ставила „еден од најголемите тајкуни“ на таа функција. Кога ќе се објави името на премиерот, не знае ни тој: „Ние всушност ништо не знаеме.“

Ништо не знае – но веќе предупредува. Втората мета му е Катарина Шќепановиќ, професорка на Филолошкиот факултет, која според него најверојатно ќе биде претседателка на Собранието на Србија. Вучиќ ѝ ја припиша реченицата „Ќе ја вратам државата на фабрички поставки“ и оцени дека тоа е „многу загрижувачко“.

Ни однадвор аплаузот не е гласен. Во дебата на една српска телевизија беше кажано дека честитката од Вашингтон стигнала дури пет дена по изборите, и тоа со означен погрешен профил на Студентската листа на мрежата X, додека од Европската унија честитката стигнала веднаш. Аналитичарот Бошко Јакшиќ додаде дека Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг се единствените двајца важни државници што не ѝ честитале на Студентската листа.

Значи, опозицијата веќе нишани пред да знае во кого, а Трамп и Си засега чуваат дистанца. Дали Србија навистина влегува во нова ера, или само ги смени играчите, а правилата останаа? Одговорот нема да го даде телевизиско студио, туку првата седница на новото Собрание.