Skip to content

Србија на ниво на Македонија по патот кон ЕУ: медиумите блиски до Вучиќ се разбеснеа само поради Косово

1 мин. читање
Сподели
Србија на ниво на Македонија по патот кон ЕУ: медиумите блиски до Вучиќ се разбеснеа само поради Косово

Во централниот вечерен дневник на српската државна телевизија РТС, политикологот Срѓан Мајсторовиќ зборуваше за европскиот пат на Србија. Дијагнозата беше сурова: „За жал, Србија со години стагнира во овој процес, се наоѓаме на ниво на Северна Македонија, а малку сме пред Косово и Босна и Херцеговина.“

Водителката Даница Костиќ не реагираше. И тука почна бурата – но не затоа што Србија ја споредија со Македонија. Медиумите блиски до Александар Вучиќ се фатија за Косово: гостинот, велат, за него зборувал како за независна држава, и тоа во програмата на државната телевизија.

Бараат итна реакција од РТС, но уште повеќе од „Студентската листа“, која по изборите ја презеде власта. Прашањето го поставија директно: дали граѓаните треба да очекуваат Србија во следниот период да го признае Косово? Ако новата власт не се огласи веднаш, порачаа, тоа значи дека се согласува.

Најинтересен е изразот што го користат со потсмев – „ослободениот РТС“. Ако државната телевизија дури сега е „ослободена“, од кого беше заробена досега?

А споредбата со Македонија не беше тема на бурата. Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година. Кога српски аналитичар на државна телевизија ја зема како мерка за стагнација, тоа е дијагноза и за Белград и за Скопје – но најмногу за Брисел, кој со години ги држи сите во чекалницата.

За дел од Србија, скандалот е еден збор за Косово во вечерниот дневник. Тоа што земјата со години тапка во место на патот кон ЕУ, рамо до рамо со Македонија, не заслужи реакција. Дали на Балканот еден збор во етер секогаш ќе боли повеќе од годините во чекалницата?