Skip to content

Бугарија одби да учествува во пакетот од 70 милијарди евра за Украина: Софија пак се пазари со Брисел, овој пат за патријархот Кирил

1 мин. читање
Сподели
Бугарија одби да учествува во пакетот од 70 милијарди евра за Украина: Софија пак се пазари со Брисел, овој пат за патријархот Кирил

Бугарија нема да даде ниту евро од новиот пакет од 70 милијарди евра финансиска помош за Украина. Софија тоа го соопшти на 10 ноември, а премиерот Румен Радев како причина ја наведе состојбата со државната каса – Бугарија е во постапка поради прекумерен буџетски дефицит. Истовремено порача дека нема да ги спречува другите членки на ЕУ да даваат пари за Киев.

Тоа не е сè. Од складиштата на бугарската армија нема да заминува оружје, а бугарски војници нема да бидат испратени во Украина – Радев на 13 ноември во Даблин се повика на одлука на националниот парламент. Уште во јули тој го одби повикот на францускиот претседател Емануел Макрон Бугарија да ѝ се приклучи на „коалицијата на волните“. „Нема да се приклучиме кон коалиција што инсистира на продолжување на финансиската и воената поддршка за Украина. Решението не е во продолжување на конфликтот со воени средства, туку во силни дипломатски напори што конечно ќе ја запрат ескалацијата“, изјавил тогаш Радев.

Софија сепак не ги затвора сите врати. Бугарија продолжува да ѝ помага на Украина со извоз на струја, со обнова на енергетската и железничката инфраструктура и со поддршка за украинските семејства. Помош значи има – само не таму каде што Брисел најмногу ја бара.

Тактиката што Македонија ја знае напамет

Поинтересниот дел од приказната е како Софија се пазари. Во јули бугарската влада се закани дека нема да го прифати 21-от пакет санкции на ЕУ против Русија ако не се исполнат нејзините барања. Првото: од списокот да се тргне рускиот патријарх Кирил. Второто: да се тргне и Вагит Алекперов, акционер и поранешен претседател на нафтената компанија „Лукоил“. Бугарија имаше забелешки и на ограничувањата што би ја отежнале набавката на резервни делови за метрото во Софија.

Аргументите беа прагматични. Санкциите врз Кирил, според Софија, немало сериозно да ѝ наштетат на руската економија, а само би го засилиле антиевропското расположение. Санкциите врз Алекперов, пак, би ги загрозиле компаниите од групацијата „Лукоил“, кои имаат важна улога во бугарската економија. Брисел попушти: на 13 јули министерката за надворешни работи Велислава Петрова потврди дека двајцата се тргнати од предлогот, по што Бугарија ги поддржа новите мерки. Радев тогаш ги доведе во прашање и резултатите од претходните 20 пакети санкции.

Ако ова ти звучи познато, не си единствен. Блокада како адут за отстапки е методот со кој Софија од 2020 година го држи во заложништво македонскиот европски пат. Овој пат на Брисел не му требаа години за да попушти – и заканата и отстапката се случија во јули. Колку брзо ЕУ попушта кога со вето се заканува нејзина членка – а колку бавно кога треба да заштити земја-кандидат?

Радев на средбата на европските лидери во Даблин отиде и чекор понатаму. Побара европските документи да не ги ограничуваат можностите за дипломатско решение и го критикуваше тоа што поддршката за преговорите во Абу Даби е исфрлена од конечниот текст на декларацијата за европска безбедност. Според него, САД имаат доволно влијание да ги донесат двете страни на преговарачка маса, а одлуките за колективната безбедност треба да се носат во ЕУ и НАТО, а не во дополнителни коалиции што го нарушуваат единството на сојузниците.

И не е сам. Во вториот круг на претседателските избори на 1 ноември убедливо победи Илијана Јотова, противничка на испраќањето воена помош за Украина и застапничка на дијалог со Русија – првата жена директно избрана за претседател на Бугарија. Премиерот и претседателката сега зборуваат со еден глас. Прашањето за Брисел е едноставно: ако една членка со закана може да извади име од списокот на санкции, што ќе побара следниот пат?