Skip to content

Околу 17,5 милиони евра во шума, магацини и сеф: истрагата против поранешен Орбанов министер го стеснува кругот околу Орбан

1 мин. читање
Сподели
Околу 17,5 милиони евра во шума, магацини и сеф: истрагата против поранешен Орбанов министер го стеснува кругот околу Орбан

Околу 17,5 милиони евра во готовина, распоредени на повеќе места – во шума, во магацини и во сеф во една куќа. Толку пронашле унгарските истражители во истрагата против поранешниот министер за национален развој од времето на Виктор Орбан. Министерот е осомничен дека примил мито од над 30 милиони евра. „Вкупната бројка денес никој не ја знае, но ова е голем шок“, изјави политичкиот аналитичар Маријан Палиќ, кој ја следи состојбата во Унгарија.

Но приказната не е за една торба пари скриена меѓу дрвјата. Палиќ предупредува дека случајот не смее да се гледа одделно од пошироките истраги што ги започна новата унгарска власт. Поентата е во моделот: јавен имот префрлен во фондации и долгорочни концесии, како онаа за автопатите што важи сè до 2057 година. „Ова не е приказна само за нешто од шумата, за една торба пари, туку за модел на управување што сè повеќе излегува на виделина“, рече тој.

Колкава е вкупната вредност на можните нерегуларности, засега е тешко да се утврди. Дел од имотот е во фондации и приватни фондови, каде што вистинските сопственици не секогаш можат да се откријат, а дел е врзан со договори што траат децении. Тоа е потешкиот дел од работата: торба пари во шума се наоѓа, фондација без видлив сопственик – многу потешко.

Тројца министри во притвор, Орбан вика прогон

Новата власт работи на две нивоа: реформа на институциите и проверка на финансиските трансакции од времето на претходната влада. Основана е посебна канцеларија за враќање на имот, со истражни овластувања. Во моментов тројца поранешни министри се во притвор. Орбан постапките против своите поранешни соработници ги претставува како политички прогон. Граѓаните, изгледа, не се согласуваат: според истражување на агенцијата Медијан, на кое се повикува Палиќ, антикорупциските мерки на новата власт ги поддржуваат околу 70 отсто од Унгарците.

Истрагите, според Палиќ, допираат и до одделни членови на Орбановото семејство – сомневања за незаконско посредување при издавање визи на виетнамски државјани и проверки околу воената мисија во Чад. И тие постапки се во почетна фаза. Дали ќе стигнат до самиот Орбан? „Кругот околу него се стеснува. Многу аналитичари истакнуваат дека се собираат докази и дека не се сака да се тргне против него додека нема доволно конкретни докази“, рече аналитичарот. Многу ќе зависи и од тоа што ќе кажат луѓето што веќе се во постапка.

Будимпешта, адреса позната и кај нас

За Македонија Орбан не е далечно име. Токму Унгарија во 2018 година му даде азил на Никола Груевски, поранешниот премиер кој ја напушти земјата пред да ја отслужи затворската казна. За него Будимпешта беше сигурна адреса кога дома му стана тесно. Ако кругот навистина се стесни околу човекот што таа врата ја држеше отворена, колку сигурна ќе остане таа адреса?