Skip to content

Над илјада крави шетаат низ Крива Паланка, а пресуда за сопствениците нема: инспектор на АХВ се премислил пред судот

1 мин. читање
Сподели
Над илјада крави шетаат низ Крива Паланка, а пресуда за сопствениците нема: инспектор на АХВ се премислил пред судот

Кравите „шетачи“ во Крива Паланка веќе се над илјада. Пред три години беа околу 600. Во меѓувреме државата донесе решение за одземање, обвинителството поднесе обвинителен предлог, а судот во Крива Паланка води постапка. Пресуда, за сега, нема.

Обвинителниот предлог е поднесен минатата година против сопственикот на стадото и неговите две ќерки, за „спречување службено лице во вршење службено дејствие“ според член 382 од Кривичниот законик. Според обвинителството, тие како соизвршители, со сила и сериозна закана, ги спречиле службениците на Агенцијата за храна и ветеринарство, кои имале и полициска асистенција, да постапат по правосилно и извршно решение за одземање на добитокот. Во предлогот се наведува и дека осомничените подолг период го малтретираат месното население и соседите.

Инспекторот што се премислил

Процесот е при крај, но се појавил пресврт што звучи како да е од друг филм. Еден од инспекторите на АХВ, според извори, сведочел дека не бил попречен во работата, иако на снимките се гледа сосема спротивното. Поради тоа е можна и преквалификација на кривичното дело.

Државен инспектор кој пред судот вели дека не бил спречен, додека снимките покажуваат друго. Што ли се случило меѓу денот на интервенцијата и денот на сведочењето? И дали некој во АХВ ќе праша?

Нова пријава, овој пат за тепање

Додека судењето тапка во место, стигна и нова пријава. На 21 ноември, во 9 часот, 67-годишната Д.Д. од село Дрење пријавила во ОВР Крива Паланка дека била физички нападната од Г.Ѓ., А.Ѓ. и А.Ѓ., поради недоразбирање околу кравите што правеле штета. Тешките телесни повреди се констатирани во Здравствениот дом во Крива Паланка, а според информациите, жената завршила со скршеница. МВР вели дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Сопствениците имаат своја верзија за тоа како се стигнало тука. Една од нив минатата година раскажа дека во 2021 година семејството, како регистриран одгледувач, добило забрана за продажба, а обвинителството ги одзело пасошите на кравите поради кривична пријава поврзана со субвенциите. Тогаш, според неа, кравите биле меѓу 150 и 200. Не можеле да продаваат, не можеле да земат субвенции, а стадото продолжило да се множи.

Стадо што расте побрзо од постапката

Бизнисот почнал пред повеќе од една деценија со не повеќе од 20 крави. Решението на АХВ за одземање поради несовесно чување постои од 2024 година, но стадото и понатаму шета без надзор низ околните села. Сега во Крива Паланка се бара прогласување кризна состојба и ангажирање на Армијата.

Тоа е хронологијата на проблем што институциите го документираат со години, а ниедна не го затвора. Кравите не чекаат пресуда. Тие се множат.