Skip to content

Обидош, средновековното село на час од Лисабон: околу 30.000 ЛЕД сијалички, Пинокио во дворот на замокот и ликер од вишни што се пие од чашка од чоколадо

1 мин. читање
Сподели
Обидош, средновековното село на час од Лисабон: околу 30.000 ЛЕД сијалички, Пинокио во дворот на замокот и ликер од вишни што се пие од чашка од чоколадо

На еден час возење од Лисабон, зад средновековни ѕидини, има село во кое Божиќ почнува уште во ноември. Обидош (Óbidos) годинава ги пали празничните светла на околу 6 километри инсталации, со приближно 30.000 ЛЕД сијалички во историскиот центар. Главна новост е новогодишна елка висока 9 метри на плоштадот Praça da Criatividade.

Пинокио во сенката на замокот. Најголемата атракција е Vila Natal, божиќното село во дворот на замокот, отворено од 27 ноември до 3 јануари. Годинашната тема е Пинокио и светот на марионетите, според приказната на Карло Колоди. Има Џепетовото маало, Кралството на самовилата, Големата риба и скривалиштето на Лисицата и Мачорот. Децата гледаат куклен театар, сами прават кукли на работилници и можат да ја видат изложбата на „bonecos de Santo Aleixo“, традиционалните португалски кукли. Има и куќа на Дедо Мраз со пошта за писма, божиќен пазар, лизгалиште, мало виенско тркало и париски вртелешки.

Од портата до замокот. Во селото се влегува низ Porta da Vila, главната порта на старото градско јадро, чија внатрешност е обложена со азулежоси, керамички плочки од 18 век со сцени од Христовите страдања. Потоа Rua Direita, главната улица, со украсени излози и тезги со слатки: фиљош, пржено тесто посипано со шеќер и цимет, божиќниот колач „bolo-rei“ и лесниот пандешпањ „pão de ló“. На врвот е замокот, денес претворен во хотел, првиот во Португалија сместен во историски споменик.

Ликер што се пие, па чашката се јаде. Обидош е прочуен по жинжиња, сладок ликер од вишни што се служи во мала чашка од чоколадо. Го испиваш ликерот, па ја изедуваш чашката. Еден од најпрепорачуваните барови за тоа е Ibn Errik Rex, некогашна антикварница. Селото има и свој фестивал на чоколадо и куќа на чоколадото.

Село на книгите. Од 2015 година Обидош е во мрежата на креативни градови на УНЕСКО, во категоријата литература, и тоа се гледа на секој агол. Книжарницата Livraria de Santiago е сместена во црква од 12 век до замокот. Livraria do Mercado користи стари гајби за овошје како полици. Artes & Letras е во вински подрум стар над сто години и има мал вински бар. Хотелот The Literary Man, во манастир од 19 век, чува околу 100.000 книги, а јадењата во ресторанот го носат името на романи, од „Столбовите на земјата“ на Кен Фолет до „Разум и чувства“ на Џејн Остин.

Каде да се јаде. Petrarum Domus е во средновековна зграда на главната улица, Tasca Torta нуди домашна португалска кујна без претензии, O Caldeirão надвор од ѕидините е место за риба, ориз и чорби, а Ja!mon Ja!mon е за мали залаци, сирења и сувомеснато покрај лаците на аквадуктот.

Ништо од ова не е чудо на природата. Тврдина, главна улица, неколку книжарници и многу добро раскажана приказна. Охрид има тврдина и калдрма, а Скопје Чаршија и Кале. Што недостасува за ваква зимска приказна: историјата или општина што знае да ја раскаже?