Skip to content

Алта банка пред пратениците, дел од сведоците на службен пат: акциите на берза од 30 ноември, одговорноста уште никаде

1 мин. читање
Сподели

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска во 11 часот ја продолжува надзорната расправа за Алта банка АД Битола. Пред почетокот, најголемото прашање не беше што ќе кажат сведоците, туку дали воопшто ќе дојдат. Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска од СДСМ, вчера соопшти дека ниту едно лице од списокот на поканети сведоци дотогаш не го потврдило присуството, а дел од нив по втор пат се на службен пат токму кога се одржува седницата.

На списокот се претставници на институциите, но и на менаџерскиот тим, Управниот и Надзорниот одбор на Алта банка. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, одговори дека за присуството на сведоците одговара организаторот, односно СДСМ, од чии редови доаѓа претседателката на Комисијата. Значи, и пред расправата да почне, темата веќе стана кој е виновен што нема кој да одговара.

Првата расправа: многу викање, малку одговори

Првата седница, пред околу две недели, заврши без заклучок за одговорноста. Премиерот Христијан Мицкоски тврдеше дека владата на СДСМ и ДУИ во 2023 година дала согласност за продажба на акции во Стопанска банка АД Битола и воспоставувала деловни релации со сопственикот на Алта банка Србија, Давор Мацура. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го обвини за манипулација и тврдеше дека тогашната влада ниту продала акции ниту имала бизнис-интереси со Алта банка. Мицкоски изрази очекување дека банката ќе добие нов сопственик и ќе биде припоена кон друга банка.

Прашањата околу кои се води расправата се три: зошто е воведена администрација во банката, како постапила Народната банка и кој институционално одговара. На ниту едно од нив засега нема одговор што не почнува со приказна за 2023 година.

Гувернерот под интерпелација, акциите на берза

СДСМ и коалицијата вчера поднесоа интерпелација за гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Бараат да се утврди политичка одговорност за претходната согласност што Народната банка ја дала Алта банка АД Белград да стекне квалификувано учество во тогашната Стопанска банка Битола, и одговори какви проверки биле направени за инвеститорот, сопственичката структура и потеклото на капиталот, и по кои критериуми Давор Мацура влегол во Надзорниот одбор.

Во исто време, Народната банка го продава доминантниот пакет: 372.742 обични акции, односно 95,336 проценти од банката, во сопственост на Алта банка АД Белград, која е во стечај. Првата берзанска аукција е на 30 ноември, по моделот „сѐ или ништо“, со почетна цена од 3.777 денари по акција. Тоа е пакет со почетна вредност од околу 1,4 милијарди денари. Ако не се продаде, следуваат аукции на 1, 2, 3, 4 и 7 декември.

Банката, значи, можеби ќе добие нов газда пред Собранието да добие одговор како го доби стариот. Кога ќе се продадат акциите, дали некој уште ќе прашува кој ја отвори вратата?