Skip to content

Туристичките водичи ѝ кажаа на Битола дека странските туристи наидуваат на пропусти: Општината одговара со меморандум

1 мин. читање
Сподели
Туристичките водичи ѝ кажаа на Битола дека странските туристи наидуваат на пропусти: Општината одговара со меморандум

Општина Битола и Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници ќе потпишат меморандум за соработка. Договорот произлезе од средбата на градоначалникот Тони Коњановски и претседателот на Советот, Бојан Бојкоски, со претставниците на асоцијацијата, предводени од претседателот Димитар Кавраков.

Поинтересно од меморандумот е она што водичите го кажале на средбата. Со растот на бројот на туристи изминатите години, според нив, излегле на виделина многу недостатоци и пропусти во престојот на странските туристи, но и системски пропусти во Законот за туризам. Асоцијацијата вели дека ги детектирала проблемите и дека има решенија, за Битола, Скопје, Охрид и другите туристички места.

Кои се тие недостатоци, во соопштението на Општината не пишува. А токму тоа е она што би сакал да го прочита секој што барем еднаш прошетал странски гостин по Широк сокак. Водичите се луѓето кои први ги слушаат поплаките на туристите, на терен, секој ден од сезоната. Нивната листа на поплаки е подобар туристички водич за институциите од која било стратегија.

А стратегија има на повидок. Асоцијацијата, како членка на Советот за туризам при Министерството за култура и туризам, учествува со предлози во изработката на Стратегијата за развој на туризмот за периодот 2027-2032 година, за која во Битола веќе е одржана регионална работилница за Пелагонискиот плански регион. Ќе се најде ли нивната листа на пропусти во стратегијата – или само нивниот потпис на меморандумот?