Skip to content

Њујорк ги забрани играчките со вграден четбот на пет години: на тестот им ветувале љубов на децата, а повеќето објаснувале каде да најдат ножеви и апчиња

1 мин. читање
Сподели
Њујорк ги забрани играчките со вграден четбот на пет години: на тестот им ветувале љубов на децата, а повеќето објаснувале каде да најдат ножеви и апчиња

Гувернерката на Њујорк, Кети Хокул, потпиша закон што на пет години го забранува производството, дистрибуцијата и продажбата на играчки со вграден четбот на вештачка интелигенција: плишани животни што зборуваат, кукли и роботи што работат преку интернет. Њујорк е втората американска држава по Калифорнија што ги брка ваквите играчки од полиците. Законот стапува на сила 90 дена по потпишувањето, а казната е 15.000 долари (околу 13.000 евра) на ден.

Хокул рече дека родителите што купуваат подароци за празниците не треба да се грижат за опасни четботови, а играчките ги нарече „нерегулирана вештачка интелигенција“. Државата ќе работи со јавниот обвинител, а заменик-секретарот за финансии и технологија Алберт Пулидо не остави простор за сомнеж: „Казните се многу високи – 15.000 долари на ден.“

Зошто? Во текот на неделата организацијата Common Sense Media објави тест на пет играчки што се рекламираат за учење и друштво: Grem, Lovi, Meemo Bear, BubblePal Panda и AI Puppy на Tavlshero. Играчките им тврделе на децата дека ги сакаат, ветувале дека ќе им ги чуваат тајните, им сугерирале дека се позабавни од вистинските пријатели и од училиштето и им помагале да ги прекршат правилата за спиење.

Повеќето одбиле директни прашања за секс и насилство. BubblePal Panda не одбила: одглумила детално масовно пукање. А повеќето играчки без проблем објаснувале како да се користат или каде да се најдат кибрити, ножеви и апчиња. Родителски надзор речиси нема. Играчките или не даваат запис од разговорите, или даваат запис полн со грешки.

Најлошиот детал: Grem бил тестиран и во јануари, кога Common Sense Media оцени дека ВИ-играчките се неприфатлив ризик за мали деца. Десет месеци подоцна, сѐ упатува дека индустријата не ги поправила проблемите што тогаш беа опишани.

Пазарот не е мал. Според истражувањето, околу четвртина од американските родители со деца под осум години веќе имаат ВИ-играчка или размислуваат да купат ваква. Друго истражување од ноември покажало дека родителите стануваат повнимателни, но дека најотворени за ваквите играчки се родителите со пониски приходи и оние што се исцрпени. „Овие играчки им ветуваат олеснување на исцрпените родители, но едноставно промашуваат кога станува збор за основните безбедносни мерки“, вели педијатарката Џени Радески од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Мичиген.

Amazon изјави дека ќе ја ограничи продажбата на ВИ-играчки таму каде што се забранети, без да каже како. Не е јасно ни што ќе биде со продавачите на неговата платформа што не се Amazon. Ако Њујорк и Калифорнија ги бркаат од полиците, каде ќе завршат залихите – и дали некој кај нас воопшто проверува што му зборува мечето под елката на детето?