Skip to content

Почнува судењето на Корабоски: притворот дојде дури откако се побуни јавноста

1 мин. читање
Сподели
Почнува судењето на Корабоски: притворот дојде дури откако се побуни јавноста

Во Основниот суд во Охрид денеска се отвора главната расправа против 31-годишниот Охриѓанец Кристијан Корабоски, обвинет за нападот врз 26-годишната Сара Ѓорѓиеска на 15 ноември. Обвинението го товари за три кривични дела: телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.

Според обвинителството, при семејно насилство обвинетиот ја затворил девојката, физички ја нападнал, ја повредил и ја загрозил нејзината сигурност. Сара била испитана во присуство на социјалните служби, а било направено и вештачење на повредите. Предметот го води судијката Александра Поп Стефанија, а од судот велат дека процесот ќе биде транспарентен онолку колку што дозволува законот.

Поважно од првиот ден на судењето е патот до него. Првата одлука на обвинителството беше Корабоски да не оди во притвор, туку да се брани од слобода. Дури по бурните реакции во јавноста и протестите, предметот го презеде друг обвинител, Сара беше сослушана, а притворот до 30 дена беше побаран и одреден. Што ќе се случеше ако никој не излезеше да бара одговор?

Молчеше и МВР. Иако полицијата веќе го имала предадено случајот на обвинителството, повеќе од 30 часа немаше детална официјална информација за тоа што се случило и што презела полицијата. Во тој вакуум социјалните мрежи се преплавија со непроверени тврдења, дезинформации и обвинувања, не само за обвинетиот туку и за неговиот татко и двајца негови другари, дел од нив со морбидна содржина.

Така штетата стана двојна. Обвинетиот за тешко насилство првично беше пуштен на слобода, а јавноста наместо факти доби гласини и линч врз луѓе за кои ништо не било утврдено. Двете имаат ист корен: институциите што треба први да зборуваат и први да делуваат, реагираа последни.

Сега збор има судот. Расправата треба да покаже што точно се случило таа ноќ, врз докази, а не врз објави на социјалните мрежи. Прашањето што останува за обвинителството и за МВР е едноставно: дали следниот пат ќе треба протест за да се почне со работа?