Skip to content

Осум лица во болница по пожарот во Даљан: соседите тврдат дека институциите биле предупредени

1 мин. читање
Сподели
Осум лица во болница по пожарот во Даљан: соседите тврдат дека институциите биле предупредени

Пожар во стан на улицата „Гоце Делчев“ во охридската населба Даљан синоќа ја испразни зградата и испрати осум лица во Општата болница во Охрид, со повреди и тешкотии при дишењето од вдишаниот чад. Според Територијалната противпожарна единица, брзата интервенција спречила поголема катастрофа.

Полицијата го лиши од слобода Ц.Н. (55) од Охрид, кој се сомничи дека го предизвикал пожарот во сопствениот стан. Против него ќе следува кривична пријава за „предизвикување општа опасност“, а СВР Охрид најави дополнителни мерки за поддршка на станарите.

Станарите, пак, раскажуваат подолга приказна. Според нив, ова не е прв пат истото лице да предизвика пожар во станот, а тие во повеќе наврати реагирале и пријавувале во надлежните институции, без ефикасни мерки. Нивните тврдења засега немаат институционална потврда, а токму тоа е прашањето на кое некој мора да одговори.

Охриѓанката Кристина вели дека станува збор за човек со посебни потреби, кој повеќе од 20 години живее сам, со образложение дека е „способен“ за работа. „Сега е ред на општина Охрид да се погрижи за него и да нѐ обештети нас. Ако имаме држава!“, вели таа.

Ако соседите се во право, проблемот не почнал синоќа. Човек за кого се тврди дека има посебни потреби живее сам, пријавите стигнуваат во фиоки, а единствената служба што стигнува навреме е пожарната. Кривичната пријава ќе ја затвори полициската страна на приказната, но нема да реши ништо ни за луѓето во таа зграда, ни за самиот него.

Кој во Охрид е задолжен да одговори – центарот за социјална работа, општината или полицијата? И колку пожари треба да има во една зграда за некој од нив да го крене телефонот пред да стигне цистерната?