Skip to content

Брдо-Бриони во Охрид: нова декларација за „фер пристап“ кон ЕУ, без рок за членство и без името на Бугарија

1 мин. читање
Сподели
Брдо-Бриони во Охрид: нова декларација за „фер пристап“ кон ЕУ, без рок за членство и без името на Бугарија

Шеснаесетта средба на Процесот Брдо-Бриони заврши во Охрид со декларација што звучи познато. Лидерите на Македонија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Албанија, Косово, Србија и Босна и Херцеговина повторно побараа „објективен, предвидлив и фер“ пристап кон проширувањето на ЕУ. Секоја земја кандидат, велат, треба да се оценува исклучиво според своите реформи и резултати.

Што пишува во документот? Дека целосното и навремено членство на Западен Балкан е клучно за безбедноста и економијата на регионот. Дека земјите од регионот не смеат да се третираат како „трети земји“, туку како дел од европските транспортни, енергетски и дигитални мрежи. И дека одлуките за напредокот треба да се водат исклучиво од правото на ЕУ, меѓународните договори, владеењето на правото и Копенхашките критериуми.

Што не пишува

Година до која регионот би требало да влезе во Унијата нема. Нема ни Бугарија. Земјата што го држи македонскиот пат блокиран не е спомената со име, иако формулацијата за „критериумите и правото на ЕУ“ за Македонија е најважната реченица во целиот документ.

На прашањето дали добила ветување дека Загреб и Љубљана ќе застанат на македонска страна во спорот со Софија, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече дека тоа не го побарала. Поддршката, сепак, ја оцени како јасна. „Говоревме за потребата од дебилатерализација, особено кога се работи за идентитетски прашања“, изјави таа и го нарече проширувањето „безбедносен императив“: без Западен Балкан, ЕУ остава геополитички вакуум.

Сиљановска-Давкова го поздрави напредокот на Црна Гора и Албанија, со образложение дека по 2013 година „речиси немаше отворена порта за нас“ и дека од Солунскиот самит во 2003 година не видела јасна стратегија за регионот.

Гостите од Љубљана и Загреб

Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар беше најдиректна: „Убедена сум дека нема силна Европа без проширување на Европската Унија. А проширувањето на ЕУ, за жал, сѐ уште е премногу бавно“. Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ го поддржа членството на сите, но предупреди дека силата на ЕУ е во трговијата и царинската унија, а обидот таа да стане геополитички сојуз носи опасност од доминација на поединечни членки.

Двајцата ја пофалија атмосферата во Охрид како најконструктивна досега, без навреди и со култура на дијалог. Кога самит се фали дека поминал без навреди, што ли се случувало на претходните?

Шеснаесет средби, а декларациите и понатаму бараат „фер пристап“ од Брисел. Колку уште декларации ќе се потпишат пред некој во ЕУ гласно да го изговори името на проблемот?