Skip to content

Вучиќ се бори за премиерското место: влада од 12 министри „на тркала“ и ветување дека Србија нема да пее песни на Томпсон

1 мин. читање
Сподели
Вучиќ се бори за премиерското место: влада од 12 министри „на тркала“ и ветување дека Србија нема да пее песни на Томпсон

Александар Вучиќ, донедавна претседател на Србија, сега сака да биде премиер. Вечерта на 3 октомври ја наполни Белградската арена со илјадници приврзаници, по химната „Боже правде“ го пречекаа извиците „Ацо Србине“ и „Победа“, а тој одржа говор што звучеше како програма на човек кој последните години бил во опозиција, а не на врвот на државата.

Говорот почна со благодарност до словачкиот премиер Роберт Фицо за поддршката. Фицо беше најавен како гостин на митингот, но на крајот го откажа доаѓањето. Поддршката, значи, стигна без гостинот.

Потоа следуваше листа ветувања. Влада со само 12 министри, која ќе биде „на тркала“ – секој ден на терен, „а не да шетате од Париз до Лондон и да глумите големи луѓе“. Општинските функционери ќе мора да одат во селата двапати дневно, наместо еднаш или двапати месечно. Нови или целосно обновени домови здравје, нови лекови за ретки болести, огромни пари за фекална и атмосферска канализација, посебен закон за југот на Србија и размислување за мали и големи нуклеарни централи. „Бунарите пресушуваат, луѓето нема да имаат вода“, предупреди тој.

Сето тоа звучи убаво. Но останува неизбежното прашање: кој ја водеше Србија додека бунарите пресушуваа, а министрите шетаа по Европа? Вучиќ сам призна дека „малиот човек ретко кој го слуша“ и дека тоа е „првото нешто што мора да се смени“. Ретко се гледа политичар што толку убедливо ги критикува последиците од времето додека самиот бил на власт.

Најгласните пораки беа наменети за соседите. „Нема да кажуваме дека хрватскиот јазик ни е службен наместо српскиот, нема да пееме песни на Томпсон, си имаме свои убави песни, свој Видовден“, рече Вучиќ и додаде дека Србија „никогаш не била на страната на нацистите“. Им се заблагодари на Србите од Косово, „херои што го чуваат своето име и презиме“, и се пофали дека не изручил ниту еден Србин на Хашкиот трибунал.

Студентската листа, според него, добила „огромни пари од странство“ за да „поттикнува омраза“ меѓу граѓаните. Веднаш потоа побара почит кон нив: „Тие за нас се луѓе, а не нелуѓе, само политички противници.“ Ветува дека ќе им подаде рака на 26 октомври – ако неговата листа „Обединета Србија“ ден претходно победи на изборите.

Рака кон противникот, но дури откако ќе го победи, и обвинување за странски пари проследено со повик за почит – Балканот ја знае оваа реторика напамет. Дали гласачите во Србија ќе ја прифатат уште еднаш, ќе се знае на 25 октомври.