Skip to content

Воздухот во Скопје се влошува пред грејната сезона: Честичките ПМ10 во Гази Баба двојно повисоки за една недела

1 мин. читање
Сподели
Воздухот во Скопје се влошува пред грејната сезона: Честичките ПМ10 во Гази Баба двојно повисоки за една недела

Грејната сезона сè уште не е во полн ек, а скопскиот воздух веќе се влошува. Податоците од мерните станици покажуваат континуиран раст на штетните честички од 1 октомври наваму – во повеќе делови од градот концентрациите на ПМ10 се речиси двојно повисоки отколку на почетокот на месецот.

Во Гази Баба просечната дневна вредност на ПМ10 скокнала од 18,4 на 37,7 микрограми на кубен метар. Во Карпош дневниот просек од околу 32 се искачил на над 50 микрограми, а во Миладиновци од 11,5 на 31,3. Слично е и во Центар и Лисиче.

Ректорат – 130 микрограми во еден час

Највисоката часовна концентрација на 7 октомври ја измери станицата Ректорат – 130,07 микрограми ПМ10 на кубен метар. Максимумите на другите точки биле 85,1 во Карпош, 69,3 во Центар, 68,8 во Лисиче и 61 во Гази Баба. Кај поситните и поопасни ПМ2,5 честички, највисоки вредности се измерени во Гази Баба, 49,2, и во Карпош, 40,2 микрограми на кубен метар.

Платформата IQAir го прикажуваше Скопје претежно во умерено загадената зона. Највисоки локални индекси имаше околу Железара – 124, потоа Карпош и Влае со 97 и 94 и Мичурин со 86. Подобри вредности имаа само дел од точките во Гази Баба и Ново Лисиче.

Претходно, во една вечер, мерната станица во Лисиче во 19 часот регистрирала 116,18 микрограми ПМ10 – повеќе од двојно над дозволената дневна граница од 50. Вредностите на ПМ2,5 во Карпош и Гази Баба таа вечер биле над препорачаниот 24-часовен праг на Светската здравствена организација од 15 микрограми. Државниот регистар тогаш го означи воздухот во Центар со најлошата категорија, „многу лошо“, а станицата во Ѓорче Петров не испорачуваше податоци.

Температурите паѓаат, а скопската котлина веќе го заробува чадот од сообраќајот и од првото греење на домовите. Сценариото Скопјани го знаат напамет – само уште не е зима. Ако воздухот е вака во првата недела од октомври, со што градот влегува во ноември и декември?