Skip to content

Законот за животна средина се „усогласува“ со ЕУ така што ги брише правилата за загадените локации како Лојане, ОХИС и Југохром

1 мин. читање
Сподели
Законот за животна средина се „усогласува“ со ЕУ така што ги брише правилата за загадените локации како Лојане, ОХИС и Југохром

Министерството ги претставува како усогласување со европското законодавство. Еколошките организации, правниците и дел од опозицијата во нив гледаат слабеење на заштитата од загадување. Предложените измени на Законот за животната средина се пред пратениците, откако добија по 8 гласа „за“ во Комисијата за европски прашања и во Законодавно-правната комисија, кои го оценија текстот како „прифатлив од аспект на неговата усогласеност со правото на ЕУ“.

Петте километри важат само за нови фабрики

Со законските измени од 2022 година беше воведена забрана за изградба или реконструкција на инсталации од тешка и загадувачка индустрија на помалку од пет километри од населено место или заштитено природно подрачје. Ограничувањето го забележа и Европската комисија во својот извештај за Македонија за 2023 година. Новиот предлог го брише делот за реконструкција.

Од иницијативата „Зелен хуман град“ предупредуваат што значи тоа во пракса: одамна затворени индустриски инсталации, на пример во Скопје, би можеле повторно да почнат да работат, а постојните да го прошират производството. Наместо загадувачите да се оддалечуваат од домовите, велат тие, се прави „катастрофален регресивен чекор“.

Членовите што се грижат за „жешките точки“

Втората голема забелешка се членовите 28-а, 28-б, 28-в и 28-г, кои го уредуваат идентификувањето, управувањето и санацијата на контаминираните подрачја. Предлогот едноставно ги брише. Според „Зелен хуман град“, планот од членот 28-б со години спречувал контаминирано земјиште да се продава или да се дава под концесија. „Сега ќе биде возможно некој да ви продаде загадена земја и вие да немате поим за тоа“, предупредуваат од иницијативата.

Македонското здружение на млади правници посочува каде ќе се почувствува правната празнина: кај линданот од фабриката „ОХИС“, кај купиштата канцероген арсен од некогашниот рудник „Лојане“ и кај хексавалентниот хром од „Југохром“, кој може да ги загрози подземните води и водоснабдувањето на Скопје од изворот Рашче. Планот за управување со отпад 2021-2031 идентификува седум вакви локации. Проблемот со најголемиот дел од нив и денеска е нерешен.

Со бришењето паѓа и обврската идните концесионери да ги санираат контаминираните подрачја преку посебен план за ремедијација. Тоа значи дека концесионерот би можел да ги извлече економски исплатливите материјали, а загадувањето да остане на државата и на граѓаните. Сценариото не е теоретско: за „Лојане“ Владата ќе бара нов концесионер, откако претходниот си замина без да ги исчисти отровите.

Помалку јавност, повеќе министер

Според „Зелен хуман град“, измените го укинуваат и задолжителното снимање на јавните расправи, ги ослабуваат гаранциите за електронска достапност на документацијата, а задолжителните институционални мислења за индустриската безбедност ги заменуваат со комисија што ја избира министерот. Организацијата „Еко-свест“ предупредува на правна празнина и на ризик одредбите да не се совпаѓаат со новиот закон за заштита на природата, кој е веќе во постапка.

Пратеничката на Левица Јована Мојсоска побара измените да се тргнат од дневен ред. Ако ова е европскиот пат, чудно е што токму забраната што Брисел ја забележа во својот извештај сега се брише во име на Брисел. Кој точно има потреба фабрика да се реконструира на помалку од пет километри од нечиј двор?