Skip to content

Дигитален пас за ЈСП: средношколците влегуваат, студентите чекаат, иако пред пет дена беа најавени

1 мин. читање
Сподели
Дигитален пас за ЈСП: средношколците влегуваат, студентите чекаат, иако пред пет дена беа најавени

Пред само пет дена ЈСП Скопје, со поддршка од Градот, официјално соопшти дека почнува со воведување дигитална студентска превозна картичка за бесплатниот јавен превоз. Податоците требаше автоматски да се синхронизираат меѓу универзитетите и ЈСП, а студентите да добијат QR-код на телефон.

Потоа дојде седницата на Советот на Град Скопје. Усвоените измени на Одлуката за интегриран тарифен систем воведуваат дигитален пас, но само за учениците од прва година во средните училишта во надлежност на Градот и во државните средни училишта. Во следната фаза ќе дојдат учениците од втора, трета и четврта година, кои веќе имаат персонализирани електронски картички. Студентите во одлуката не се спомнати.

Директорот на ЈСП, Саше Илиевски, објасни дека целта е помалку шалтери и помалку чекање. Корисниците ќе добиваат инструкции по е-пошта, а во апликацијата на ЈСП ќе имаат QR-код. За студентите, рече, ќе дојде подоцна. „Целата постапка мора да оди чекор по чекор“, порача тој. Кога точно, не кажа.

Дигиталниот пас ќе биде персонализиран и ЈСП ќе може да го блокира при неправилна употреба. За издавање нема да се бара фотографирање на лице место ниту печатена фотографија, доколку идентификацијата се врши преку електронскиот систем.

Има и еден дел од одлуката што заслужува повеќе внимание од QR-кодот. При секоја валидација ќе се евидентираат датумот и времето, возилото, возачот, линијата, насоката, постојката, како и податоците за корисникот и категоријата на која припаѓа, според прописите за заштита на личните податоци. За ученици од прва година тоа значи детална мапа на секое нивно возење.

Дигитализацијата е добредојдена, особено ако крати редици. Но прашањата се две. Зошто најавата за студентите испари за пет дена? И кој, колку долго и за која цел ќе ги чува податоците за движењето на средношколците низ градот?