Skip to content

Реновираниот „Стив Наумов“ чини 6.600 денари месечно наместо 3.410, а неполн месец по вселувањето низ ѕидовите тече вода

1 мин. читање
Сподели
Реновираниот „Стив Наумов“ чини 6.600 денари месечно наместо 3.410, а неполн месец по вселувањето низ ѕидовите тече вода

Неполн месец по вселувањето, во реновираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје вода тече низ ѕидовите. Студентите пријавуваат влага, студени радијатори и оштетени ролетни – проблеми што, според нив, ги забележале и пријавиле уште првите денови, но реакција немало навреме.

За тоа задоволство плаќаат речиси двојно. Месечната партиципација за „Стив Наумов“ е 6.600 денари, а за домовите од втора категорија 3.410 денари. Разликата од 3.190 денари, речиси 94 отсто, беше објаснета токму со подобрените услови по реконструкцијата. За девет месеци престој тоа значи 59.400 наспроти 30.690 денари – 28.710 денари повеќе за една академска година. За студентски буџет тоа не е ситна разлика.

Домот беше пуштен во употреба на крајот на септември, со најави за обновени соби, нови инсталации, подобрена енергетска ефикасност и современи услови. Реконструкцијата на „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ е дел од инвестиција од околу 20 милиони евра, а за самиот „Стив Наумов“ се зборува за околу 10 милиони евра и реконструкција што траела повеќе од две години.

Левица оди и подалеку. Според информациите што партијата вели дека ги добива, во домот нема парно, од чешмите тече кал, дел од зградата периодично останува без струја, пукнале цевки, а студентите се жалат и на храната. Партијата бара итна санација и одговорност за квалитетот на изведбата и за надзорот, а ја посочува министерката за образование Весна Јаневска, која, според Левица, со месеци го претставуваше проектот како нов стандард за студентско живеење.

Засега нема независна стручна проценка колку се раширени дефектите и дали ги има низ целиот дом. Но прашањата се прости и бараат прости одговори. Дали проблемите се евидентирани при приемот на објектот? Дали ги покрива гаранцијата на изведувачот? И кој потпишал дека зграда во која и по најмал дожд тече вода низ ѕидовите е готова за вселување?

Топла соба, исправни инсталации и ѕид без влага не се луксуз што треба да ја оправда повисоката цена. Тоа е минимумот. А ако минимумот чини 6.600 денари месечно, студентите имаат право да го добијат пред да дојде зимата.