Skip to content

Без паркинг и со исечени дрвја? ВМРО-ДПМНЕ го прозива Герасимовски за градилиште во Буњаковец, тој се жали на инвеститорите

1 мин. читање
Сподели
Без паркинг и со исечени дрвја? ВМРО-ДПМНЕ го прозива Герасимовски за градилиште во Буњаковец, тој се жали на инвеститорите

Улицата „Костурски херои“, поранешна „29 Ноември“, во Буњаковец. Пред ограда на градилиште застанува Стефан Кирков, член на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, и набројува: за новиот објект, според информациите со кои располага, не е предвиден соодветен паркинг-простор, се сечат дрвја, а тротоарот е зафатен од градежните активности. Во населба каде паркирањето и движењето пешки и онака се мака.

Пораката е адресирана до градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, и до лидерот на СДСМ, Венко Филипче. „Кој ги штити интересите на жителите на Буњаковец?“, праша Кирков, и ги потсети на кампањските ветувања за „хумано уредени населби“ и повеќе зеленило. ВМРО-ДПМНЕ бара Општина Центар јавно да каже под кои услови се гради, дали се почитуваат одобрените планови и како ќе се заштитат тротоарот и зеленилото.

Градоначалникот на телевизија: проблемот се инвеститорите

Иронијата е што Герасимовски речиси истовремено зборуваше за проблем што звучи многу слично. Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ изјави дека несовесните инвеститори се меѓу најголемите проблеми на Центар: оставаат градежен материјал на тротоарите, блокираат улици, ја оштетуваат инфраструктурата. „Најмногу ми пречи кога ќе видам несоодветно заградено градилиште, тротоари на кои се оставени разни предмети и улици извалкани со масло“, рече тој. Инспекциите, вели, редовно се на терен, но поделбата на надлежностите меѓу институциите понекогаш го успорува решавањето.

За просторот кај поранешната фабрика „Треска“ градоначалникот рече дека инвеститорите имаат обврска да изградат парк, „кој воопшто не е мал“, но дека има „опструкции“ од нивна страна. Сигурен е дека „поголемиот дел“ од паркот ќе биде направен. Поголемиот дел, значи, не целиот.

Така, опозицијата во Центар вели дека општината пушта градба без паркинг и зеленило. Градоначалникот вели дека инвеститорите не се држат до правилата и дека му се врзани рацете. Кога и двете страни се согласуваат дека проблемот се инвеститорите, останува прашањето што никој не го поставува гласно: кој им ги потпишал дозволите и условите, и зошто тие услови не се почитуваат? Жителите на Буњаковец немаат потреба од уште една прес-конференција пред ограда. Им треба одговор кој е одговорен.