Skip to content

Возот низ Андите до Мачу Пикчу: 43 километри покрај реката Вилканота, а билетот за прва класа почнува од 395 евра

1 мин. читање
Сподели
Возот низ Андите до Мачу Пикчу: 43 километри покрај реката Вилканота, а билетот за прва класа почнува од 395 евра

До Мачу Пикчу не се стигнува со еден скок. Прво авион до Куско, некогашната кралска престолнина на Инките, потоа комбе низ дел од Светата долина, па воз, па автобус. Инкаската цитадела е на листата на УНЕСКО и е едно од седумте нови светски чуда, а делницата со воз многумина ја нарекуваат најубавото патување со воз во Латинска Америка.

Возот тргнува од Ољантајтамбо, „живиот инкаски град“, во кој се живее без прекин од 15 век. Улиците се калдрмисани, куќите од ќерпич, водата и денес тече низ инкаски канали, а над градот се издигаат тераси на археолошкиот комплекс. На станицата, млади облечени во традиционални носии ги пречекуваат патниците со музика и танц.

Колку чини погледот. Компанијата Inca Rail вози во три варијанти. The Voyager е практичната опција, од 75 до 95 евра во еден правец, зависно од терминот. The Prime додава музика во живо и закуска. The First Class е најексклузивната: само осум патници, балкон од кој се гледаат Андите, мени од три јадења со состојки од локалните заедници и андска музика – креолски песни, ваинос и ваиларш, празнични песни поврзани со земјоделството. Билетот почнува од 395 евра во еден правец.

Пругата е долга 43 километри, помалку од патот Скопје-Велес, а возењето трае околу час и половина. Поголемиот дел од патот лево тече реката Вилканота, некаде веднаш до шините, некаде длабоко во дното на долината. Врвовите наоколу одат над 4.000 метри.

Пејзажот се менува пред очи. Возот тргнува меѓу високи андски полиња со ниви и стада, а завршува во густа, влажна вегетација на преминот меѓу планината и џунглата, близу до амазонската страна. На некои делници паѓа ситен дожд. По падините се гледаат терасите на кои старите народи одгледувале киноа, пченка, компири и ароматични треви, а дел од нив се обработуваат и денес. Кој сака да разбере како функционира тоа земјоделство, може да го посети археолошкиот локалитет Мораи.

Реката ја сечат и стари инкаски патеки што локалното население ги користи и денес. По нив трчале часките, гласниците на Инките – првите што ги преминувале Андите го правеле тоа трчајќи, а не со воз. Пешаците што одат по Инкаската патека и денес влегуваат во цитаделата низ Интипунку, Портата на сонцето.

Последната станица е Агуас Калиентес, или Мачупикчу Пуебло, градче на дното на тесна долина покрај Вилканота. Многумина остануваат една или две ноќи за да го посетат Мачу Пикчу без брзање, да се искапат во топлите извори, да влезат во градината со пеперутки и да ја пробаат локалната кујна. Патниците излегуваат од возот додека свири „El Cóndor Pasa“. Колку би платил за час и половина воз, ако на крајот те чека чудо на светот?