Skip to content

Осомничен дека ја давел партнерката им избегал на полицајците низ прозорец во Битола: таа е во шелтер, тој на слобода

1 мин. читање
Сподели
Осомничен дека ја давел партнерката им избегал на полицајците низ прозорец во Битола: таа е во шелтер, тој на слобода

Дваесет и едногодишна битолчанка на 10 ноември, во 23:10 часот, влегла во СВР Битола и пријавила дека партнерот ја нападнал попладнето, околу 17 часот. Според пријавата, тоа не бил прв пат: околу година и половина тепање, закани и психичко малтретирање. Во последниот напад, како што раскажува нејзината мајка, ја давел со голи раце и не ѝ давал да дише.

Осомничениот, К.У., дошол во станицата доброволно, заедно со свој родител. Кога полицајците почнале да постапуваат за да го лишат од слобода, тој избегал низ отворен прозорец од службената просторија. Од полициска станица. МВР тоа го потврдува, вели дека потрагата трае и дека е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди.

Таа во шелтер, тој недостапен

Девојката е сместена во шелтер-центар по проценка на Центарот за социјална работа. Мајка ѝ, Бети Ангеловска, вели дека имаат целосна медицинска документација, четири лекарски извештаи, меѓу кои од невролог и психијатар, како и пораки со закани.

На 13 ноември девојката отишла на суд, каде требало да се одлучува за заштитни мерки во постапката што ја повел ЦСР Битола. Пријавениот не дошол. Рочиштето е презакажано за 18 ноември поради неуредна достава: кога се обиделе да му ја врачат поканата, дома ги затекнале неговите родители, кои не можеле да го исконтактираат. Кривична постапка засега не е ни започната.

Кој кого чекал

Од Обвинителството велат дека биле известени веднаш по пријавата. Јавниот обвинител наредил лицето да биде повикано во станица на разговор и побарал да биде известен штом разговорот ќе заврши. Тоа известување не стигнало. Следниот ден од МВР во Основното јавно обвинителство Битола пристигнал допис дека осомничениот „не е достапен“. Во дописот не пишувало ни дека бил во станицата, ни дека избегал низ прозорец.

МВР, пак, наведува дека до СВР Битола не била доставена наредба од надлежен орган за приведување, лишување од слобода или притвор. Полицијата вели дека немала наредба. Обвинителството вели дека не добило известување. Меѓу тие две реченици, човекот против кого е поднесена пријава за давење го пронашол прозорецот.

Мајката бара министерот за внатрешни работи Панче Тошковски лично да провери како се бега од станица полна со униформирани полицајци и како некој останува недостапен со денови, додека нејзината ќерка се крие на непозната локација. Внатрешната контрола сега треба да утврди дали полицајците направиле пропуст.

Пријавата е најтешкиот чекор што жртвата го прави кон институциите. Ако по неа таа заврши затворена во шелтер, а пријавениот слободен, која е пораката до следната што се двоуми дали да пријави? И дали некој ќе одговара пред 18 ноември, или повторно ќе чекаме уредна достава?